Да помислиме на нашите сограѓани кои се борат да се прехранат
16ти октомври е ден на борба против гладта, а за некои наши сограѓани уште еден ден на борба да се стави оброк на семејната трпеза. Инфлацијата и поскапувањата најмногу ги погодија социјално загрозените категории граѓани. Голем број семејства во охридско се соочуваат со потешкотии да се прехранат и често помош бараат во Црвениот Крст.
„Можам да кажам дека годишно во Црвениот Крст опслужуваме околу 500 до 600 луѓе, семејства кои доаѓаат кај нас и имаат потреба од најразновидна помош, не се работи само за храна. Имаат потреба од лекови, карти за патување до дестинација за здравствен преглед. Но она што е најжално и најтрагично е дека и во ова време сега се соочуваме со предизвикот на луѓе кои не можат да се прехранат, односно со сиромаштија.“ – вели Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.
Со цел да се сензибилизира јавноста и да се поттикне на акција, Црвен крст Охрид секоја година ја организира кампањата по повод Денот на борба против гладта под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“. Во хуманитарната акција од денеска до 22 октомври ќе се собираат доброволни прилози во прехрамбени производи и парични средства, наменети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.
„ Охрид секогаш бил хуман, имаме голем број хумани луѓе но и општествено одговорни компании коишто секогаш традиционално се вклучуваат во оваа кампања. Ќе видиме во текот на неделата, но имаме веќе најави од локалните маркети и од луѓе кои сакаат да помогнат па и да се вклучат во активноста на подготовка на тие пакети, но и да донираат прехрамбени производи. Сакам да упатам апел до сите охришани и сите коишто ќе бидат во текот на оваа недела и викендот во Охрид, ќе има во поголем број маркети поставено видни корпи со логото односно постерот на оваа кампања кадешто можат да оставаат прехрамбени производи купени во тој маркет.“ – објаснува Точков.
Од донираните средства и собраните намирници во кампањата, волонтерите на Црвен Крст ќе подготват хуманитарни пакети со прехрамбени производи, кои ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници на кои помошта им е најпотребна.