Да се плати на рати
Родителите на учениците во трета година во средното општинско училиште Св. „Кирил и Методиј“ кои во средината на април треба да одат на екскурзија во Будимпешта и Виена бараат да се пролонгира плаќањето на ратите поради краткиот рок кој го имаат. Од ТА Вис Пој кои го добија тендерот да ја реализираат оваа екскурзија велат дека ќе им излезат во пресрет на родителите кои не можат сумата за екскурзијата да ја платат до претходно утврдениот рок.
Дел од родителите на учениците во трета година во средното општинско училиште Св. „Кирил и Методиј“ кои во средината на април треба да одат на екскурзија во Будимпешта и Виена, реагираат на начинот на плаќање на сумата за екскурзијата. Оваа тура чини 200 евра, а како најдобар понудувач на тендерот кој го распиша училиштето е избрана ТА Вис пој. На родителската средба која се одржала во месец декември на родителите им било кажано дека сумата ќе се плаќа на три рати. Но поради доцнење на целокупната процедура околу изборот на агенција сега сумата ќе треба да се плати на две рати. Тоа на родителите им било кажано на синоќешната родителска средба што предизвикало реакции кај дел од нив бидејќи тоа преставува дополнително оптоварување за нивниот буџет.
Директорката на средното општинско училиште Св. „Кирил и Методиј“, Славица Костоска вели дека до нив не е стигната никаква реакција од родителите во однос плаќањето за екскурзијата на учениците од трета година. Додава дека доколку има некакви забелешки ќе се бара начин агенцијата да го пролонгира рокот за плаќање на ратите.
Екскурзијата треба да се реализира од 11 април до 16 април. Тука се вклучени 6 дена со три ноќевања. Сумата за екскурзијата треба целосно да биде исплатена до 8ми април. Значи на родителите доколку сакаат да ги пуштат своите деца на ова патување не им преостанува ништо друго освен за нешто повеќе од месец дена да уплатат 200 евра. Тука секако не влегуваат парите кои треба да им ги дадат на децата за џепарлак. Еден родител рече дека доколку сака да го пушти своето дете на екскурзија ќе мора да земе кредит. Јаким Маленко, менаџер на ТА Вис Пој вели дека секогаш работат во интерес на клиентите и дека и овој пат доколку има потреба ќе им излезат во пресрет на родителите кои не можат сумата за екскурзијата да ја платат до претходно утврдениот рок. Маленко објаснува дека во договор со училиштето при потпишувањето на договорот ќе се внесе уште една клаузула со кој ќе се даде можност родителите да го доплатат остатокот од сумата по завршувањето на екскурзијата. Со тоа ќе се направи олеснување за родителите, а децата ќе можат задоволни да одат на ова патување.