Да се укине забраната за ноќно пловење на Охридско езеро бараат едриличарите
Наутичкиот туризам е една од најбрзорастечките форми на алтернативен туризам, која според туристичките работници, но и научната фела, треба да се поддржи во туристички Охрид како еколошка атракција која не влијае штетно врз Охридското езеро и живиот свет. Но белите едра на езерото можат да се видат само на спортски регати и преку ден. Од 2013 година на сила е забрана со која е ограничено пловењето на овие пловила во вечерните часови до 5 часот наутро. Наутичките туристи се еколошки совесни, со голема платежна моќ и посакувани гости на охридската ривера, велат туристичките работници. Нивниот интерес за одмор на Охридско езеро е се поголем, а забраната има сериозни последици и врз туризмот и врз развојот на едриличарството, реагираат од Едриличарска федерација на РС Македонија кои бараат оваа одлука да се преиспита и укине.
„Ние сме во многу незавидна состојба кога ќе се јави некој да изнајми едрилица ние треба да му кажеме апсурдна работа дека мора да се врати пред 17 часот или 19 часот овој месец или пред 21 часот во сезона. Едноставно луѓето не можат да сфатат, тоа го сметаат за некоја заостаната уредба од старите комунистички времиња. Јас би рекол во Северна Кореа и кај нас има таква забрана за ноќно пловење. Минатава година еден охридски клуб имаше намера да организира кружна едриличарка регата на езерото која би траела 20 до 24 часа, но поради уредбата не смееше да се организира.“ – вели Будимир Соколовиќ, Претседател на Едриличарска федерација.
Не е мал бројот на странски туристи коишто доаѓаат со свои пловила од матичните земји и на кои им се издава дозвола за употреба на странски пловен објект на македонски води. Според проценките на Капетанија на пристаништа на Охридското езеро, во пикот на сезоната, само во каналот Студенчишта се засидруваат околу 200 пловни објекти.
„Нивниот интерес е голем бидејќи Охрид и Охридското езеро се комплементарни, едно без друго не можат. Една е перспективата на Охрид низ самиот град и уште една многу важна, ракурс на гледање на градот како туристичко место од вода. Нормално дека езерото е еден од најважните мотиви за посета на нашиов град.“ – вели Горан Устијаноски – Капетан на Капетанија на пристаништа.
Минатата година Капетанија побара ревизија на одлуката на Влада за ограничување на пловидбата во вечерните часови. Целта е да се измени одлуката во делот за пловилата кои се користат рекреативно и кои не служат за риболов, не можат да се употребат за рибократство или други негативни дејства на езерото.
„Побаравме и мислења од надлежни институции кои се засегнати од дејството на таа одлука, притоа наидовме на негативно мислење од Министерството за внатрешни работи минатата година па затоа годинава ќе се обидеме повторно да направиме една дебата за да видиме дали може таа одлука барем во некои делови да ја либерализираме за одреден вид на пловила .“ – вели капетанот Устијаноски.
Причините кои се наведени како оправдување за забраната, безбедноста во пловењето ,човечките животи и природната средина не држат, затоа што едрилиците се безбедни и еколошки, такашто апсурд е да биде на сила оваа забрана, вели претседателот на Едриличарска федерација. Додава дека државата треба да работи во насока на зголемување на бројот на едрилици со решавање на инфраструктурата на Охридско Езеро, односно изградба на марина.
„Нема никакви штетни влијанија затоа што едрилиците се еколошки пловни објекти, се движат на ветар и не создаваат бучава како моторните пловни објекти такашто импактот врз животната средина е минимален. Јас се надевам дека новата Влада на првата седница ќе ја укине оваа уредба. Да се укине, а не да се модифицира. Едноставно ова е апсурдна забрана и се надевам дека ќе имаат разбирање за потребите за решавање на инфраструктурата на Охридско Езеро со цел зголемување на бројот на едрилици и еколошки пловни објекти. “ – вели Соколовиќ.
Одлука за ограничување на пловидбата на трите природни езера во државава беше воведена во 2013 година поради, како што е наведено, безбедноста во пловењето,човечките животи и природната средина. Од одлуката се изземени пловилата за инспекциски надзор, полицијата и царината, концесионерот на езерото за стопански и рекреaтивен риболов и пловните објекти за превоз на патници.
Евелина Арнаудова
Оваа новинарска сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ и не нужно ги одразува гледиштата на Европската Унија.