Да се забрза изградбата на регионалната депонија во Новаци
Еколозите апелираат да се забрза процесот за изградба на регионалната депонија во Новаци. Најавената современа депонија со седум претоварни станици предвидено е да го депонира сметот од целиот Југозападен и пелагониски регион.
Со неа ќе се стави крај на загадувањето на водата, почвата и воздухот, што е клучна препорака на Унеско, а особено се однесува на двете супстандардни депонии охридската на Буково и струшката лоцирана во самиот град.
„Депонијата регионална, уште од почеток се направија погрешни потези што се типуваше депонијата да се изгради во Дебрца што е сосема погрешен потег во сливното подрачје на Охридското Езеро да имаме депонија, а имаме езеро со голем потенцијал со вода и риба”, вели Лазе Наумоски еколог.
Еколозите велат треба да се работи и на расчистување на големиот број диви депонии на брегот на Охридското Eзеро вдолж двата градови, но потребна е и еколошка едукација на населението.
„Свеста е на ниско ниво многу, можам да кажам балкански менталитет да бидеме реални. Кај нас нема свест, секој фрла каде ќе стигне отпад и ќе има корпа а пак ќе го фрли настрана”, додава Наумоски.
Според последните најави на министерството за животна средина, се очекува до крајот на годинава да се распише повикот за набавка, а до првата половина на 2024 да започне и градба на депонијата во Новаци. Овој капитален инфраструктурен проект се очекува да биде готов до јануари 2027 година.
Новинар Соња Рилковска