Skip to main content

Охридската гимназија со порака „Да живееме едни со други, а не едни покрај други”

Настанот беше исполнет со активности и пораки кои ја истакнуваат важноста на мултикултурната толеранција и заедничкиот живот.
 |  инфодеск  | 

Музика, забава, храна, спорт, презентација на таленти и експерименти. Ваква е сликата денес во Охридската гимназија, каде се одржа настан под мотото „Да живееме едни со други, а не едни покрај други”. Целта е поттикнување на меѓусебно разбирање, почит и заедништво меѓу младите.

Настанот беше исполнет со активности и пораки кои ја истакнуваат важноста на мултикултурната толеранција и заедничкиот живот.

Директорката на училиштето истакна дека ваквите иницијативи имаат значајна улога во воспитно-образовниот процес, бидејќи ги охрабруваат учениците да размислуваат за вредностите на заедништвото и почитта.

„Да живееме едни со други, а не едни покрај други, беше главната порака на настанот – мотото е значајно затоа што нашите ученици, односно идните генерации, треба да ги научиме на високи морални вредности – тука сме да воспитуваме, а не само да образуваме – нашата гимназија е секогаш отворена да ги испратиме нашите ученици како високоморални личности кои ќе одат кон својата цел”, вели Светлана Велкоска, директорка на гимназијата.

Учениците беа активно вклучени во подготовката на програмата, што дополнително придонесува за нивниот личен развој и чувство на одговорност. Некои презентираа храна, други експерименти, трети музицираа, сликаа и се забавуваа.

– „Овој настан е многу важен за гимназијалците во градот – имаме многу штандови, имаме музички, спортски штандови и од други науки – основците имаат можност да дојдат, да се запознаат повеќе и да ги препознаат своите вештини.”

„Ова е отворен ден – ние денес презентираме средновековни села и храна во тие села – овде имаме Македонија пред турскиот период, а ова се јадења што ги донеле Турците во турскиот период, а последните се современи јадења.”

– „Сите деца учествуваме во ова и буквално донесовме сите многу храна – имаме гости од различни школи, исто така и од Данска – сакаме да се запознаат со нашата традиционална храна – имаме различни јадења.”

Гимназијата денес го искористи овој отворен ден да ги претстави и можностите за образование пред идните ученици.

– „Отворениот ден на гимназијата е место каде идните гимназијалци, односно учениците од основното образование, добиваат можност да се запознаат со сите оние предмети, наставни планови и насоки кои можат понатаму да ги изучуваат – ова е особено важно затоа што ние мора да ја отвориме гимназијата, нешто што се случува последните години, за да можат учениците одвнатре да видат со какви умешности, знаења и таленти располагаме како средно училиште”, вели Перчо Божиноски, професор.

Преку вакви настани, од гимназијата порачуваат дека младите се клучот за градење на поотворено и поинклузивно општество, каде различностите не се пречка, туку богатство. На настанот присуствуваа голем број основци, професори и гости.

Новинар: Соња Рилковска