Skip to main content

Ти Си Твојот Град

Дали ќе исчезне уште една препознатлива градба во Охрид

Објектот на ул „Димитар Влахов“ кој имаше препознатлива градба и фасада се видоизменува, посочуваат граѓаните во дописот преку рубриката Ти Си Твојот Град.
куќа ССМ

Што се случува со куќата каде беше сместен Сојузот на синдикати на Македонија? – прашуваат граѓани преку рубриката Ти Си Твојот Град. Објектот на ул „Димитар Влахов“ кој имаше препознатлива градба и фасада и кој се наоѓа во подрачје заштитено со посебен закон за Охрид, се видоизменува, посочуваат граѓаните во дописот до ТВМ.

„Несомнено градежните зафати се изведуваат со соодветна документација, но по се изгледа кога ќе завршат нема да остане ништо од оригиналната градба. Според тоа како се изведени балконите, во средина на големите прозори, новата градба ќе биде или само лоша копија или уште еден објект збришан од листата на недвижно наследство.“ – реагираат граѓаните.

Прашуваат дали објектот ( сѐ уште) е под заштита и дали од НУ Завод за заштита на спомениците и Музеј Охрид дале мислење и одобрение за градежниот проект за овој објект?

ТВМ во врска со овој објект побара информации од надлежните и за добиените одговори ќе ја информира јавноста.

Во оваа куќа на 26 и 27 ноември 1941 година бугарскиот воен суд во Охрид ги осудил на смрт со бесење Лазар Колишевски и Петре Пирузе, додека Кирил Главинчев, Андон Дуков и Јаким Спироски биле осудени на повеќегодишна затворска казна поради организирање вооружено востание против бугарскиот фашистички окупатор. Пред куќата, иако во незавидна состојба, сѐ уште стои мермерната спомен плоча како потсетник на тој настан од историјата.