Skip to main content

Животна средина

Дали е на повидок формирање на јавно претпријатие за управување со Охридското Езеро?

Во Нацрт законот предвидено е да се формира Јавно претријатие за управување со заштитеното подрачје споменик на природата – Охридско Езеро.
 |  Голабовски Крсте  | 
Расправа

„Заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиуми центри на биолошка разновидност во европски и светски рамки, Охридско Езеро се прогласува за заштитено подрачје од III категорија – Споменик на природа“ – стои во првиот член на Нацрт Законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија III-Споменик на природата, по кој денес во Општина Охрид се одржа јавна расправа. Во Нацрт законот предвидено е да се формира Јавно прептприајтие кое ќе се грижи и за непосредната заштита на езерото, преку формирање на чуварска служба.

„Предноста на овој закон што се очекува да биди, е што ќе се формира Јавно прептријатие за управување со охридското Езеро. Според Законот за природа ќе мора да се формира чуварска служба, што е едно добро решение за да може да се прави постојан надзор на крајбрежјето на Охридското Езеро за сето она што се случува и навреме да се преземаат мерки за заштита и санкционирање на непожелните дејствија“, – објасни Васил Анастасовски – престедател на Друштвото за заштита на животната средина на Македонија.

При изработката на Нацрт законот се користени најдобри пракси од страна на Меѓународната унија за заштита на природа, како најеминентна и меѓународно призната организација за заштита на природата во светот, која посветено работи на заштита и зачувување на природата во период од неколку децении и е советодавно тело на УНЕСКО за делот на природно наследство. Никола Киселинов, екологист од Охрид пак, вели, дека овој Нацрт закон е обид да се стави стопан на езерото.

„Нема да дозволиме било какво формирање на јавни претпријатија, под знакот на наводници јавни, а ќе бидат партиски, со партиски луѓе и партиски интереси. Кое професонално, имаме професионални институции, Завод и Музеј, Хидробиолошки институт, професиоанални институции, каква потреба од нови институции. Нека направат институција за заштита на Охридското Езеро, а не јавно претпријатие“, – дециден е Никола Киселинов – Екологист.

Нацрт законот за прогласување на Охридското Езеро за заштитено подрачје во категорија споменик на природата се заснова врз Студијата за валоризација на природните вредности. Во Нацрт законот предвидено е да се формира Јавно прептприајтие за управување со заштитеното подрачје споменик на природата – Охридско Езеро, кое пак треба да формира Совет на засегнати страни и Научен Совет, како консултативни тела во согласност со Законот за заштита на природата, во кое кое ќе има преставници од Хидрoбиолошки Завод Охрид.

„Мошне се радувам што самиот нацрт закон предвидува формирање на тело, без разлика дали станува збор за управно или менаџмент тело, или јавно претпријатие затоа што сметам дека тоа беше еден од хендикепите последниве години. Немаше тело коешто ќе ги спроведува препораките на менаџмент планот, па ингеренциите беа префрлани де на една де на друга страна, дали локално или централно, мерки, па не можеа да се спроведат сите мерки за заштита коишто биле или не мора да се пропишани на некој начин“, – кажа Д-р Орхидеја Тасевска – Директор на ЈНУ Хидрoбиолошки завод Охрид.

Заради исклучителната важност од тесна и координирана соработка на локалните самоуправи, на чие подрачје се наоѓа заштитеното подрачје Охридско Езеро, на 22.09.2021 година, од страна на градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца потпишана е заедничка изјава за поддршка на повторното прогласување на Охридското Езеро за Споменик на природата. Во изјавата сите три општини подеднакво се обврзуваат да ја поддржат заштитата на Езерото, проактивно да учествуваат во структурата за управување со заштитеното подрачје и да се придржуваат и да ги спроведуваат прописите и приоритетите кои се однесуваат на заштитата на Езерото, а се наведени во Студијата за валоризација на споменик на природата – Охридското Езеро. Јавната расправа се одржа денес во големата сала на Општина Охрид, додека во соседна Струга, иста ваква расправа ќе се одржи утре, 15ти септември, со почеток во 10:00 часот, во Салата за состаноци во општина Струга.