Skip to main content

Дали рентабилно работи автопазарот во Охрид

Автопазарот и после речиси две години од отварањето не проработи. Од Локалната тврдат дека тој не генерира загуба, но нема ниту добивка. Со подобар маркетинг сметаат дека може да се подобри ваквата ситуација.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Дали рентабилно работи автопазарот во Охрид. Граѓаните кои го посетиле овој пазар кој се отвори пред речиси две години, а и оние кои се само случајни минувачи покрај пазарот кој е лоциран на дел од паркинг просторот кај охридските градски гробишта, го поставуваат ова прашање. Сликата за овој автопазар е едно паркирано постаро возило, а најчесто и ниту едно.

Ние како Локална самоуправа сме задоволни што авто пазарот ја исполнува својата функција. Морам да сум искрен дека тој не работи со некоја добивка ама не генерира ниту загуба, објаснува портпаролот на Локалната, Томе Џамтоски.

Иако реализацијата на проектот за отварање автопазар беше поздравена од трговците со автоделови и  половни автомобили како и од оние граѓани кои што сакаа да купат половно возило, интересот како да спласна. На што се должи тоа стручните служби од ЈП „Градски пазар“треба да испитаат и да најдат начин да ја зголемат атрактивноста на автопазарот.


Стручните служби од ЈП „Градски пазар“ велат дека има можност за подобрување на ситуацијата, но треба да се поработи на маркетингот. Објаснуваат дека сега преокупација им е изградбата на зелениот пазар па овај ангажман малку ќе почека, вели Џамтоски.

Инаку автопазарот служи за изложување не само на патнички возила туку и на тешки товарни возила, моторцикли и авто делови.
Тој работи секоја недела од 07 до 12 часот. Ангажирани се двајца работници од ЈП „Градски пазар“ кои се грижат за пазарниот ред и хигиената на автопазарот. На посебен дел  на тезги се продаваат автоделови.  Мотоциклите за дневен закуп за продажно место плаќаат 50 денари, автомобилите 100 денари, товарни возила до 10 тона 200 денари, а товарни возила со над 10 тона, 500 денари. Дневениот закуп на тезга изнесува 300 денари, а закуп за период од еден месец 1000 денари. За реализацијата на проектот за отварање на автопазарот, беа обезбедени средства од Локалната самоуправа во висина од 2 500 евра, во соработка со охридските јавни претпријатија.