Дарио Павлески е првенец на генерацијата во ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид

Дарио Павлески е избран за првенец на генерацијата 2026-та во ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, објавија од училиштето посочувајќи дека признанието му припадна како резултат на неговиот труд, дисциплина, континуирани успеси и високи човечки вредности.
Низ четирите години гимназиско образование, Дарио се истакнал како пример за трудољубивост, дисциплина и скромност. Неговите професори и соученици го опишуваат како тивок и ненаметлив млад човек, кој со работа и упорност постигнува врвни резултати, потврдувајќи ја народната мудрост дека „тивка вода брег рони“.
-Особено значајни се неговите успеси во областа на физиката. Павлески освои две втори награди на државните натпревари по физика во прва и втора година, како и две трети награди во трета и четврта година. Успесите продолжија и на меѓународно ниво, каде што освои златна награда на онлајн олимпијадата IYMC, како и втора награда на Балканската експериментална олимпијада по физика. Дарио беше дел и од тимот кој го освои првото место на хакатон организиран од ФЕИТ, уште една потврда за неговите разновидни знаења и способности, стои во соопштението од гимназијата.
Надвор од наставните обврски, тој ужива во дружењето со пријателите, филмовите и готвењето, а љубопитноста и желбата за нови знаења ги надградува преку секојдневно учење и стекнување нови искуства.
Во ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, Дарио ќе остане запаметен не само по своите академски успеси, туку и по својата скромност, чесност и почит кон другите, вредности што му донесоа искрена почит од соучениците и наставниците.
По завршувањето на средното образование, Павлески планира да го продолжи своето образование на Електротехнички факултет, каде што ќе ги надградува своите знаења и ќе чекори кон нови успеси.
Од училиштето упатија честитки до Дарио за заслуженото признание, како и до останатите номинирани ученици – Елена Стојоска, Илија Волканоски, Софија и Евгенија Ставреви, кои исто така се истакнаа со своите резултати и придонес во училишниот живот.




