Дебарско-кичевската епархија ги поканува верниците на прославата на Свети Еразмо Охридски

МПЦ – ОА, Дебарско-кичевската епархија упати покана до православните верници за заедничко молитвено чествување на празникот посветен на Светиот свештеномаченик Еразмо Охридски, еден од најпочитуваните светители и заштитници на охридскиот крај.
По повод празникот, на 14 јуни (недела) во манастирот „Свети Еразмо“ кај Охрид, со почеток во 19 часот ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба. Со богослужбата ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј.
Прославата ќе продолжи и следниот ден, на 15 јуни (понеделник), кога на самиот празник на Свети Еразмо Охридски, со почеток во 8:45 часот ќе биде отслужена света архиерејска литургија, исто така предводена од митрополитот Георгиј.
Од Дебарско-кичевската епархија ги повикуваат сите верници да присуствуваат на богослужбите и молитвено да земат учество во празнувањето на Свети Еразмо Охридски, познат како охридски чудотворец и постојан молитвен застапник пред Бога за верниот народ.
Празникот на Свети Еразмо традиционално собира голем број верници од Охрид, регионот и пошироко, кои во манастирот посветен на светителот доаѓаат да оддадат почит и да побараат духовна поткрепа и благослов.




