Skip to main content

Дебата во Советот за планираните нови вработувања во јавните претпријатија и во општинската администрација

Плановите за вработување во јавните претпријатија и Општина Охрид за 2025 година поминаа на денешната 44 седница на Совет на Општина Охрид. Опозицијата со критика дека планираните 49 нови вработувања во јавните претпријатија и во општината ќе бидат дополнителен товар за претпријатијата кои се во лоша финансиска состојба, а општината, пак, е една од најгломазните во државава по број на вработени. Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески појасни дека станува збор за истиот План за вработувања од 2024 година кој не бил реализиран бидејќи се работело на нова Организација и нов Правилник за ситематизација на работни места кои се пред одобрување и со кои многу нешта ќе се променат во општинската администрација.
 |  Маја Савиќ  | 

Мнозинството севетниците на денешната 44-та седница на Совет на Општина Охрид дадоа согласност за годишните планови за вработување во јавните претпријатија и општината за 2025 година. Планирани се вкупно 49 вработувања, 38 во јавните претпријатија и 11 во општинската администрација. Од јавните претпријатија најмногу вработувања се предвидени во Охридски Комуналец 17, во Водовод осум и по пет во Нискоградба и Градски пазар. Тоа се истите оние јавни претпријатија коишто работат со субвенции од општината наменети не за модернизација туку за да можат да поделат плата и да измируваат тековни трошоци, а во кои веќе има превработеност и се во тешка финансиска состојба, критикуваше опозицијата.

„ Со вакви финансиски извештаи, со субвенции давање од општината апсолутно нема никакво оправудување за олкава бројка на вработувања . Нека бидат вработени само оние кои се неминиовни, за оние без кои  претпријатијата можат да функционираат нема потреба од вработувања , а ние сите добро знаеме колкава превработеност има во јавните претпријатија. Да напоменам 2025 година е и изборна година.  Сега се ставаме во ситуација кадешто јас не можам да разберам каде ќе го барате во иднина спасот, се надевам тоа нема да биде во нови цени на услугите. “ – кажа Живка Ангелоска, координаторка на советничка група од СДСМ.

Во општината пак, со планот се предвидени 11 нови вработувања, референти, соработници и еден советник.

„ Може да ми кажете дека ова е само план и нема да го реализираме, но не можам да сфатам една општина којашто е во водечките по број на вработени во државава повторно да вработува нови лица откако направивте унапредувања што е убаво, и сето тоа планирате да го направите во предизборие.  Сега општината ќе стане голема колку најголемото јавно претпријатие Комуналец. Токму таа гломазност доведува до нефункционалност за што често е критикувана, затоа што внатре има толку многу луѓе и не се знае кој што прави. Жално, затоа што во општина има луѓе кои чесно и убаво работат и се вредни.“ – кажа Ангелоска.

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески посочи дека од планот за минатата година не е реализирано ниту едно од планираните вработувања затоа што се работело на нова организација и нов Правилник за  систематизација на работни места. Планот за 2025 година е истиот од лани, а во поглед на предвидените работни позиции, најголем дел се места каде ќе има пензионирања, додаде секретарот.  За Одлуката за нова организација и правилникот за ситематизација во текот на септември се очекува согласност од  Министерството за јавна  администрација. 

„По добивањето на согласност од Министерството за јавна администрација на новиот Правилник којшто ќе биде во текот на утрешниот ден доставен , доколку има потреба ќе направиме измена и на постојниот за 2024та и на планот за 2025 год со цел  и тие годишни планови да бидат усогласени согласно новиот правилник за систематизација и јас ве уверувам дека не ни е намерата да направиме гломазна администрација.“ – рече Китески.

Во моментов во општинската администрација се вработени 248 лица на неопределено време, кажа Китески, а кога стапил на функција имало 263 вработени и повеќе од 130 слободни работни места, по систематизација претежно референти и соработници со Факултет за туризам и угостителство.

„Со новиот Правилник за систематизација тоа нема да го имаме. Ние од над 130 слободни работни места во Општина Охрид во правилникот намаливме околу 70 тина работни места кои воопшто ќе ги нема….значи ќе останат некаде околу 60тина. Иако во процедура е нов Закон за административни службеници кадешто законот ќе дава можност да има слободни работни места 70 % од постоечкиот број на вработени.“ – посочи Китески.

Со новата организација ќе има спојување на  сектори и одделенија, веќе нема да има вработени со договор на определено време однонсо во иднина Општина Охрид нема да работи за Агенција за привремени вработувања, најави секретарот.

Кажа дека не се согласува со критиките дека адиминстрацијата е неефикасна и нефункционална. Вработените  го даваат својот максимум и ќе продолжат така, со унапредувањата минатат гопдина  мислам дека ги стимулиравме  оние што работеле да работат уште повеќе,  а оние што можеби заспале во работењето да се активираат, рече секретарот на општината.