Skip to main content

Општина Дебрца оформи доброволно противпожарно друштво

Општината ќе користи помош во делот на противпожарната заштита од тиролската противпожарна бригада. Австрија.
 |  инфодеск  | 

Општина Дебрца доби донација, половно противпожарно возило од тиролската противпожарна бригада, Република Австрија. Возилото е наменето за новоформираното доброволно противпожарно друштво Ентузијаст – Дебрца.

Донацијата следува по средбата во месец мај на градоначалникот Зоран Ногачески и претседателот на советот на општината, Крсте Јорданоски со стручна делегација од областа на противпожарната заштита од Австрија, составена од Петер Логар, проект менаџер на Програмата за поддршка на тиролската противпожарна бригада и Јоханес Пап, Заменик командант на противпожарна бригада на Тирол, Сојузна покраина на Австрија,а на која присуствуваа и претставници на Противпожарната единица од Охрид,со командирот Борко Јанкулоски.

На средбата беше потенцирана и потребата од активно функционирање на волонтерска служба за противпожарна заштита, односно доброволно противпожарно друштво во општина Дебрца, практика која е многу успешно применета во областа на противпожарната заштита во развиените држави. Стручната странска делегација потенцирала дека за да може општината да користи помош во делот на противпожарната заштита од Австрија треба да исполни неколку услови и тоа-да се основа доброволно противпожарно друштво, да обезбеди просторни услови за противпожарните возила и волонтери-пожарникари.

Во изминатиот период формирано е Доброволно противпожарно друштво “Ентузијаст Дебрца”, пополнето е со волонтери, кои допрва ќе бидат опремени и обучени и обезбедени се за почеток изнајмени просторни услови за чување на противпожарното возило. По исполнувањето на овие услови од страна на претставниците на тиролската противпожарна бригада сме известени дека е одобрена донација на противпожарно возило за општина Дебрца, кое ќе биде ставено на користење на доброволното противпожарно друштво, информира градоначалникот Ногачески.

Возилото треба да пристигне во средината на месец Септември.

Градоначалникот Ногачески изрази посебна благодарност до командирот на ТППЕ Охрид, Борко Јанкулоски.

-Тој својот несебичен ангажман е најзаслужен за реализација на оваа донација, со што се создаваат почетни услови за остварување на противпожарната заштита во општина Дебрца на поорганизирано ниво, нешто што сите овие години наназад беше основна заложба на локалната самоуправа и воопшто на граѓаните на Дебрца, вели Ногачески.