Дебрца руралниот туризам ќе го развива со уредување на локалитетот „Сини вирој“
Денес во просториите на УНДП, министерката за локална самоуправа додели технички документации за четири нови проекти за развој на руралниот туризам. Меѓу нив се најде и општина Дебрца, покрај Чашка, Липково и Боговиње.
Ќе се гради пристапен пат до локалитетот „Сини Вирој“. Тое е предвидено со проектот за развој на рурален туризам за кој проект општина Дебрца денес ја прими проектната документација, од страна на Министерката за локална самоуправа Ширет Елези и постојаниот претставник на УНДП во Република Македонија, Луиза Винтон. Градоначалникот на Дебрца, Игор Трајкоски во телефонска изјава за ТВМ истакна дека овој проект за нив како општина е од исклучителна важност, бидејќи покрај што ќе се уреди еден локалитет, истиот ќе претставува атракција која ќе може да влезе во туристичката понуда на оваа рурална општина.
„Ние како општина минатата година добивме грант од страна на УНДП за изработка на проектна документација, која денес свечено ни беше предадена со која ќе можеме да аплицираме за повиците на ИПА и други видови на финансирање за реализација на овој значителен проект за општина Дебрца“.
Предвидено е локалитетот „Сини Вирој “ со 5км локален пат да ги поврзува селата Белчишта и Ново Село, изградба на паркинг простор за автомобили и автобуси, изградба на пешачка патека од природни материјали во должина од 1км, како и изградба на четири видиковци од природни материјали камен и дрво. За реализација на овој проект потребни се средства во висина од 44 милиони денари. Во меѓувреме Трајкоски открива дека во тек е тендерот за подготвување на проектна документација за уредување на плоштади во селата кои ги прокрива оваа општина.
„Тоа ќе значи дека жителите ќе добијат една нова содржина односно простор кој ќе биде уреден со клупи, канделабри некаде спрема просторот и детски игралишта. Се работи за уредување на пристапните делови на селата односно центрите на селата и ќе имаме подобар изглед на сите населени места во општина Дебрца“.
Уредени плоштади ќе добијат поголемите населени места во општина Дебрца, почнувајќи од Оровник, Горенци, Требеништа, Волино, Мешеишта, Ботун, Злести, Белчишта, Лешани и Велмеј.