Skip to main content

Дебрчани одржаа протест против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје

Дебрчани одржаа протест против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Уште еднаш ги изнесоа аргументите со кои се против владината одлука да се гради депонија во како што рекоа еден од најчистите еколошки региони во земјава. Порачаа доколку не се слушне нивниот глас и октомврискиот  рферендум,  ќе следат радикални мерки. 

 |  Валентина Неловска  | 

Дебрчани масовно излегоа на протест и кажаа не за изградбата на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Со двочасовен прекин на сообраќајот на патниот правец Охрид – Кичево, кај селото Ботун, уште еднаш ги изнесоа своите аргументи против регионалната депонија да се гради во Дебрца. Тука е Сини вирови најголемиот извор на питка вода во Европа кој исфрла 680 литри во секунда, кажа меѓу другото Бошко Ставрески, член на Координативното тело против изградбата на депонијата.

„Дебрца не е само еколошки чиста средина, туку има и многу други апекти со кои се брани сама. Дебрца исторски е создател на Македонската држава, таа е  археолошки златен рудник на историјата на генерации кои со илајдници години живееле тука, хидробиолошки е извор од каде се напојува Охридското Езеро, културолошки е создател на многу нешта кои започнале во нашата држава“, напомена Бошко Ставрески.

Во општина Дебрца има 33 села и народот живее во склад со природата. Ние ја избравме Владата и институциите и тие треба да работат според нашите желби и потреби, порача Јадранка Бибан од Координативното тело против изградбата на депонијата.

 

„Ние ги изнесовме аргументите зошто сме против и не смее да се гради депонија во Дебрца. Владата да ја преиспита одлуката. Се разбира како кординативно тело ќе продолжиме со протестите и мерките на интернационално ниво и ќе преземаме правни постапки. Со нив ќе докажеме дека нашите факти се реални и треба да се земат во предвид ,“кажа Бибан.

Од Координативното тело кое е против изградбата на регионалната депонија во Дебрца не ја исклучуваат можноста од радикализација на протестите па дури и поведување на постапка во Стразбур.