Skip to main content

Деца питачи на улиците во Охрид и Струга, „Градиме иднина” алармира за експлоатација

Десетици деца секојдневно питачат по улиците во Охрид и Струга, а дел од нив, според тврдењата на здружението „Градиме иднина“, се жртви на организирана експлоатација и насилство. Од здружението бараат отворање дневни центри, вклучување на децата во образовниот процес и поефикасни институционални мерки за нивна заштита.
 |  инфодеск  | 

Десетици деца секојдневно   питачат по  улиците во Охрид и Струга. Од здружението „Градиме иднина” алармираат  зад питачењето стои организирана шема за експлоатација на малолетници, кои на улица поминуваат и повеќе од  осум часа.

Велат, за трајно решавање на проблемот потребни се  системски мерки, отворање на дневни центри за децата  да се  вклучат во образовниот процес.

„Баравме секоја општина по Статутот да отвора и дневни центри за работилници и работење и нивниот проблем да се решава секојдневно, да се работи со нивните биолошки родители. Сега ќе се отвораат и групни дневни центри, децата да се запишуваат во училишта, во градинки.” – вели Илија Јовановиќ од Градиме иднина.

Од „Градиме иднина” тврдат децата секојдневно трпат притисоци и насилство. Бараат законски измени со кои постапките за заштита на децата и одземање на родителското право би се спроведувале поефикасно.

„Едно дете од едно питачење има профит од 3.000 до 5.000 денари. За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари. Ова го покажува истражувањето и на крај добиваат дебел ќотек, а останатите поголеми суми завршуваат кај нивните шефови и организатори.“ – вели Јовановиќ.

Од „Градиме иднина” велат  за пет години, преку нивниот проект, од улиците и раскрсниците биле тргнати околу 700 деца.  Апелираат до граѓаните да ги пријавуваат случаите на питачење и секое сомневање за злоупотреба на малолетници.