Дечињата од градинката „Јасна Ристеска“ со прекрасни кореографии, песни и танц го одбележаа својот патронат
Црвена и жолта боја, прекрасни кореографии, танц, песни и дружба. Најмалите, дечињата од градинката „Јасна Ристеска“ синоќа на најдобар можен начин ја оддадоа својата почит кон борците кои ја донеле слободата во Охрид, но и кон хероината чие име го носи нивната градинка, партизанката Јасна Ристеска.
Песни, танц, игри, кореографии, се во знакот на татковината…Црвената и жолатата боја буквално го обоија теренот во спортската сала „Билјанини Извори“, а сите родители, претставници од јавни претпријатија, политичари, граѓани можеа да уживаат во колоритната претстава на малите дечиња.
250 на број, дечињата и самите уживаа во претставата која тие ја приредија, а која никого во публиката не остави рамнодушен. Со свој придонес во големата свеченост учествуваа и средношколците од “Нико Нестор” од Струга кои се претставија со прекрасни народни носии од охридско-струшкиот регион. Малите дечиња од градинката „Јасна Ристеска“ од сите објекти синоќа на најубав можен начин оддадоа почит кон борците кои ја донеле слободата во Охрид, но и кон хероината чие име го носи нивната градинка, партизанката Јасна Ристеска.
„Градинката гордо го носи името на храбрата партизанка Јасна Ристеска, која на својата 17 годишна возраст го положила својот живот на олтарот на слободата на 7ми ноември 1944та година, за да го донесе сонцето и слободата во која ние денес уживаме.“-вели директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“, Розе Костеска.
Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев рече дека е вистинска чест и задоволство да се поздрават сите дечиња на денот кога свечено се прославува 71 година слободен Охрид.
„Годиниве што поминаа отворивме четири градинки. Малку се, токму оваа вечер и овие деца покажуваат дека се малку. Пред две години бројот на децата кои што беа во нашите градинки беше околу 700. Оваа година 1200. Повторно е малку, ама со оваа приредба, со оваа свеченост, на овој ден се надевам дека ќе има и многу деца, и многу веселби, и многу убави моменти во кои ние ќе се дружиме.“-рече заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
Директорката на градинката, Розе Костеска пред присутните рече дека досега многу е направено во градинката и сите нејзини објекти, од проекти, до активности, до реконструкции и уредувања на просторот.
„Од минатиот патрон празник досега може да се пофалиме со бројни реализирани проекти и активности како реновирањето на дел од санитарните јазли во објектот билјана, реновирањето на покривите во објектите развигорче и во централна ккао и дел од ентериерот, набавени се играчки, дидактични средства и други помагала во сите објекти во градинката, направено е ново игралиште за групата деца во велгошти и многу други активности за подобрување и збогатување на условите.“-изјави директорката Костеска.
Со скромен почеток, со две занимални со вкупно 50 дечиња и десетина вработени, градинката „Јасна Ристеска“ е формирана и за почнала со работа во 1963та година. Во 1971та се изградил првиот објект по сите нормативи, објектот на централната градинка. Во 97та пак се изградиле останатите четири објекти во градот. Денес во градинката во 43 групи се згрижени 872 деца и уште 340 се на листите на чекање бидејќи го надминуваат капацитетот на градинката. Тој проблем делумно се решава со отворање на дисперзирани групи во Лескоец, Велгошти и населбата Радојца Новичиќ, а наскоро се очекува да биде отворена и група во Пештани.