„Дедо Димо“, нов етно ресторан
Отворен нов етно ресторан. Синоќа во атарот на селото Куратица отпочна со работа „Дедо Димо“. Традицијата на селото за рзвој на руралниот туризам ја продолжува Горан Ангелоски кој очекува дека ова место ќе прерасне во една успешна фамилијарна приказна.
Синоќа со традционални песни, зурли, тапани, фолклорни точки и христијански обред на осветување, беше отворен новиот етно ресторан Дедо Димо. Сместен е во срцето на една од најпрекрасните рурални средини во Охрид, селото Куратица. Станува збор за семеен бизнис на Горан Ангелоски, што според него претставува продолжување на традицијата од пред 15 години за развој на руралниот туризам.
„Ова е една поголема надоградба која ќе биде пример не само за Охрид, туку и пошироко во Mакедонија како да се развива туризмот и како би можеле нашите села да одат понатаму. Целта е да ги привлечиме домашните а најмногу странските туртисти на кои ќе им ја понудиме македонската традиционална храна“.
Ангелоски вели дека покрај вкусот на селската храна, на гостите ќе им понудат и други содржини како што е, јавање на магариња, авантури со џипови, планински велосипедизам, авантури со ратрак и др. Тој откри од каде е идејата за започнување на овој семеен бизнис и посочи дека една од неговите главни цели е селот Куратица да стане пример за развој на етно туризмот.
„Идејата е фамилијарна бидејќи ние сма печалбарска фамилија уште во 90 сетите бевме во Швајцарија и потекна уште тогаш кога видовме дека Алпите да функционираат си рековме дека не можеме да бидеме како нив но можеме нешто и ние да понудиме така да и ние да бидеме на завидно ниво….така започнавме и мислам дека ќе биде успешна фамилијарна приказна секако со поддршка на месното население“.
Во народот се вели дека кафаната пишува историја, бидејќи таму луѓето се забавуваат, состануваат, разделуваат, договараат работа. Своја приказна има етно ресторанот „Дедо Димо“ кој ја раскажа сопственикот на овој прекрасен угостителски објект.
„Имало една случка, натрапниците од неговото стадо му ја зеле најубавата овца. Кога му кажале на дедо Димо дека овцата му е земена, тој знаел каде е, во ливадата во Злести. Отишол таму и гледал како ја подготвуваат овцата за ручек. Цел ден ги чекал дедо Димо и кога седнале да ручаат, тој распалил со своето оружје се разбегале натрапниците му ја зел овцата и ја донел на селаните во Куратица да ја јадат“
Етно ресторанот „дедо Димо“ за кој со право може да се каже дека плени со својот изглед се градел цели осум години, дел по дел, според замислата на сопственикот и согласно финансиските можности.