Skip to main content

„Дедо и внук“ ја освојува македонската публика

„Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски ја освојува македонската публика. Филмот според критиката има квалитети за многу повеќе од локално и национално прикажување. Во годината што следува најверојатно ќе се најде на некој од европските филмски фестивали.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Првиот долгометражен филм „Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски ја освојува македонската публика. Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, успеа да раскаже прекрасна приказна, со која сите гледачи можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук. Тој вели дека е многу задоволен како публиката го доживува филмот.

Многу се радувам и на самата премиера ама и на патот по кој филмот допрва ќе оди. Пред се ме радува како гледачите го примаат филмот, како емотивно го доживуваат, како ја гледаат целата приказна и како се соживуваат со сите ликови кои ги толкуваат нашите познати глумци, а и како мене ме доживеаа како режисер и сценарист, вели Пиперкоски.

Режисерот Пиперкоски кажа дека уште од студентските денови сакал да сними комплетен филм во Охрид. Сонот му се оствари, па убавините на градов се ставени на големото платно што ќе е одлична промоција за Охрид.

Една од најубавите работи која ми се случи во животов е тоа што ја доживеав подршката на Охриѓани. Го блокиравме стариот дел, снимавме во стариот дел и сите ни излегоа во пресрет. Затоа упатувам благодарност до сите мои сограѓани што ми овозможија да го остварам сонот и да го снимам филмот на кој долго време работев. Се надевам не ги разочарав, вели Пиперкоски.


„Дедо и внук“ досега го видоа Охриѓани, Битолчани и Скопјани, моментално се прикажува во Кичево, а идната недела во Прилеп. После Нова година ќе се прикажува и во Синеплекс во Скопје, во Струмица, Кавадарци, Велес, Кочани, Берово, Тетово. Филмот според филмската критика има квалитети за многу повеќе од локалната и националната публика. Приказната е универзална, технички филмот е одлично сработен и заслужува да стигне многу подалеку. Во годината што следува најверојатно ќе се најде на некој од европските филмски фестивали.
Пиперкоски вели дека доаѓаат подобри времиња за македонската кинематографија. Фактот што само во оваа година имаше промоции на три играни и еден документарен филм е многу охрабрувачки. Неговите планови се и понатаму да снима во Македонија и да и ги открива нејзините убавини на светот.