Дедо Мраз им подели новогодишни пакетчиња на дечињата од најранливата категорија
Беше организиран и ручек заедно со охридскиот градоначалник Константин Георгиески. Предновогодишната средба ја помогнаа Локалната самоуправа, општинскиот Црвен крст, Ротари клубот и средното угостителско училиште Ванчо Питошески.
Предновогодишна забава и подароци беа органзирани за најмладите Охриѓанчиња од ранливата категорија сограѓани. Децата и нивните придружници имаа заеднички ручек со градоначалникот Константин Георгиески, кој им упати желби за среќа во новата година.
„Сите сте значаен сегмент на нашето општество, а ние сме тука да креираме можности за подобар живот и надминување на социјалните разлики помеѓу сите граѓани. Општината тековно организира од програмата за социјална заштита со цел за подобро утро на сите“, кажа во своето обраќање градоначалникот Георгиески.
Најмалите Охриѓанчиња ги израдува присуството на Дедо Мраз кој им подели новогодишни пакетчиња на околку 100-тина дечиња. Учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ го подготвија предновогодишниот ручек. За веселата атмосфера и радост на детските лица се погрижија волонтерите на ОО ЦК.
„Се дружиме со вас цела година. Решаваме некои проблеми, а некои остануваат за наредната година. Но, тука сме да ви помогнеме кога ви е потребна помош .Она што можеме и во рамките на нашите капацитети кои ги имаме“, рече Сашо Точков, претседател на ОО ЦК.
Покрај Локaлната самоуправа, учениците од угостителското школо „Ванчо Питошески“ и волонтерите на ОО ЦК настанот го помогнаа и членовите на Ротари клубот. Од името на присутните на предновогодишната средба и заедничкиот ручек се заблагодари и Валентина Павлоска Златанова, претседателка на Здружението на родители „Тајните на моето срце“.