Skip to main content

Дефект на водоводна линија ги остави без вода жителите од населбата Гоце Делчев

Екипите на водовод од утрово работеа на санација на проблемот каде што е констатирано зачепување на цевководот, прекинале зaради полицискиот час и  ќе работат на попрaвка и утре. Жителите од нaселбата се соочуваат со истиот проблем кој им се случи и пред  два месеци. Врз водоводната линија се изградени потпорни ѕидови коишто ја оневозможуваат брзата интервенција на дефектот.     

 |  Валентина Неловска  | 

Од утрово без вода за пиење останаа повеќе домаќинства од населбата Гоце Делчев и улицата АРМ. Од ЈП Водовод Охрид информираат дека во раните утрински часови се случил дефект на водоводната линија па со намален притисок во водоснабдувањето останале петнаесетина домаќинства во истата населба. Нивни екипи работеле на водоводната линија каде што настанал дефектот , зачепување на цевководот. Информираат дека работата ја отежнувале изградени објекти, а со работа ќе продолжат и утре заради тоа што екипите мора да го почитуваат полицискиот час.

Стручните екипи на ЈП ВОДОВОД Охрид се на терен. Во овој момент домаќинствата од горенаведената улица имаат водоснабдување со намален притисок , но во зависност од условите на теренот и пристапот до цевката,можно е и вечерва и во текот на утрешниот ден водоснабдувањето да биде со намален притисок“, стои во соопштението кое го испратија до ТВМ.

Жителите од оваа населба по само два месеци се соочуваат со истиот проблем и остануваат без вода за пиење.

Од ЈП Водовод , напомeнуваат дека и врз останатиот дел од водоводната линија во овој дел од населбата се изградени објекти и потпорни ѕидови со голема височина и до 4м, а поради специфичноста на теренот доаѓа до чести дефекти на истата при што е оневозможена интервенција од истите. Поради тоа предлагаат да се изврши дислокација на водоводната линија за да се добие  квалитетно и редовно водоснабдување на населбата, односно лесно одржување на самата линија.