Во хотелско угостителскиот сектор во Охрид и Струга недостигаат над 1000 работници. Проблемот со дефицит на стручен кадар се продлабочува и оваа сезона. Причина е што огромен број вработени заминаа на работа во странство, најголем дел во Хрватска и Германија.
Од хотелската асоцијација бараат измени во законот и во земјава да може да се вработуваат странски државјани со минимални документи.
„Како што може нашите да отидат странство и да работат со минимални документи, така и ние бараме да може да добиеме странски државјани да работат во Македонија, тогаш пазарот ќе биде подеднаков“ – вели Крсте Блажески, претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.
Од ХОТАМ велат, во екот на сезона и нашите компании во туристичкиот сектор се моќни да даваат плата од 1000 евра, но проблемот се јавува од октомври до мај, кога се немоќни да ги покријат основните трошоци.

„Производот кој треба да го извадиме на пазарот се состои и во работниците кои треба да опслужат. Ако опслужиме навидум голем процент во туризмот ќе има повеќе данок за државата, ќе има повеќе приходи во државата и така ќе бидеме појаки сите. Ако не можеме да опслужиме, ако ставиме лимит, тогаш тоа не е добро за нас, односно тој дел што оди надвор, работи за некоја друга држава каде што тие добиваат приходи од тие туристи. Така да, ќе мора една голема анализа и да се корегира што е можно повеќе“ – додава Блажески.
Од средното угостителско училиште ги повикуваат младите да се насочат во хотелско туристичката струка, бидејќи е најбарана на пазарот на трудот.
Новинар Соња Рилковска