Дел од „Марко Нестороски“ подолго време во мрак-се жалат жителите
Од одделението за сообраќај и улици велат дека се работи за технички проблем, кој ќе биде решен.
На дел од улицата „Марко Нестороски“ подолг период не функционира уличното осветлување. Во близина на улицата се наоѓа и основното училиште „Христо Узунов“ каде гравитираат голем број на млади и деца. Еден жител на оваа улица ни се пожали дека во вечерните часови, на овој дел од „Марко Нестороски“ ништо не се гледа. Велат дека дефектот одамна бил пријавен.
„Околу два и пол до три месеци месеци. Интервениравме до општина Охрид, до раководителот Сашо Велјаноски. Бевме известени дека наводно корпата била расипана. Денес, утре, секој ден така. Неделно се јавуваме по еднаш, два пати и до ден денеска не е сеуште дефектот отстранет.“-рече Томе Трпевски, жител на улица „Марко Нестороски“.
Трпевски вели дека редовно си ги подмирува сметките за улично осветлување, и тоа не една, туку три, слично како и неговите соседи кои го имаат истиот проблем. Тие денес решиле од сопствен џеп, на својата куќа да си постават светилка со сензор како би им била осветлена улицата.
„До ден-денеска никој не дошол, ниту интервенирал, ниту се запрашал. Овде има голема фреквенција на движење, луѓе, темно е, жени, деца, се појавиле и некои кражби. Друго е кога има осветлување, сепак ќе го видиш, и да сака да влезе во некоја куќа, со сијалица ако свети, ќе се види.“-вели Трпевски.
Стапивме во контакт и со надлежните служби при одделението за сообраќај и улици при локалната самоуправа. Од делот за јавно осветлување ни рекоа дека се добро запознаени со ситуацијата на улицата „Марко Нестороски“ и потврдија дека станува збор за проблем од техничка природа, односно дека корпата за пристап до бандерите им била на сервис.
Она што е позитивно за жителите на оваа улица е дека корпата веќе е сервисирана, па од службите добивме ветување дека за ден-два овој проблем ќе биде решен. Па да видиме дали деновиве ќе им се провидели на нашите сограѓани.
{loadposition content9}