Дел од кејот на езерото повторно узурпиран со урбана опрема
Дел од кејот на езерото повторно узурпиран со урбана опрема. На тротоарот на улицата „Коста Абраш“ угостителските и хотелските објекти особено во летниот период поставуваат маси и столици. Дали за тоа се плаќа надомест на општината или некој на своја воља си го узурпирал просторот.
Тротоарот на дел од улицата „Коста Абраш“ на самиот кеј на езерото повторно узурпиран со урбана опрема. Околните угостителски и хотелски објекти особено во летниот период на овај потег поставуваат маси и столици со што им го попречуваат слободното движење на пешаците. Се наметнува прашањето дали поставената урбана опрема е ставена со дозвола на општината и дали за тоа се плаќа соодветен надомест или некој си зел за право да узурпира јавна површина.
Морам да ви кажам дека екипи од инспекторатот реагирале во два наврати и веќе се отстранети одредени маси и столици од некој од објектите. Констатирано е дека тие се бесправно поставени на тротоатот и дека сопствениците прават прекршок , вели Томе Џамтоски, портпаролот на Локалната самоуправа.
Сопствениците на објектите кои ја поставиле урбаната опрема на тротоарот не и плаќаат никаков надомест за тоа на општината, објаснува Џамтоски. Со тоа грубо го прекршуваат законот и ќе бидат санкционирани, додава тој.
И додека на кејот од езерото на улицата „Коста Абраш“ се поставува урбана опрема, поранешната летна тераса на објектот Немо сеуште стои на истата локација, иако локалната уште пред неколку месеци издаде решение за отстранување на објектот до неговиот сопственик. Портпаролот Џамтоски вели дека сопственикот се обврзал да го отстрани објектот, но наишол на одредени потешкотии.
Како што пред извесен период изјавив за вашата телевизија локалната имаше разбирање за барањето на субјектот во чија сопственост беше објектот да се даде време од неколку недели за да го подигнат, но очигледно дека зборот не се испочитува. Објектот и после два месеци не е подигнат и дислоциран па сега ќе биде отстранет од наша страна најдоцна за седум дена,а неговиот сопственик ќе биде санкциониран и ќе си ги подмири трошоците за дислокација на објектот, објаснува Џамтоски.
Комуналната инспекција нема многу време за чекање бидејќи туристичка сезона за еден месец треба да започне во полн ек па треба да се преставиме во најдобро светло.