Skip to main content

Дел од плажите сеуште се без спасители на вода

Плажата Немо, одмoралиштето Партизан, Даљан, Акватик кај Елешец, како и 6 струшки плажи не се безбедни за капење. Концесионерите на плажите, во екот на туристичката сезона, сеуште немаат ангажирано спасители на вода. Од Црвениот Крст Охрид, апелираат посебно пред престојниот викенд кога се очекува голем наплив на туристи, спомнатите капалишта да си ја завршат својата законска обврска и да воспостават минимум услови за безбедно рекреирање во езерските води.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Во екот на летната туристичка сезона дел од плажите на охридско струшката ревиера сеуште немаат услови за капење, спорт и рекреација. Капалиштата не се обележани, немаат соодветни пунктови и набљудувачници и немаат ангажирано спасители. Сашо Точко претседателот на ОО на Црвен крст Охрид вели дека апелирале, до Капетанија, Министерството за транспорт и врски и локалната самоуправа во рамки на нивните надлежности и ингеренции да разговараат односно да ги обезбедат потребните услови со одреден притисок на концесионерите на плажите.

„Заради тоа се и овие бројни интервенции кои сме ги имале и вон оние капалишта каде што се ангажирани спасителите, сепак нашите спасители се и професионалци и хумани …но, се губи драгоцено време да трчаат од една на друга каде нема спасители а секако дека и не делува добро за самите капачи кога доаѓаат на плажа која што не е безбедна. Морам да ја спомнам интервенцијата која што ја имавме саботата во реонот на плажата Немо каде што нема ангажирано спасители на три мали деца од Англија кои што беа спасени, во близина на тобоганот се давеа, за среќа тука се погоди патролниот чамец и ги извлече дечињата“.

Точко посебно предупредува, пред претстојниот викенд кога се очекуваат голем број гости да го посетат туристичкиот бисер, концесионерите да си ја завршат својата законска обврска и да обезбедат минимум услови за безбедно капење, спорт и рекреација.

„И до капачите апел, прво да ги користат безбедните плажи, оние плажи кои што не се безбедни тоа е кај плажата Немо, плажата кај одмаралиштето Партизан, во населба Даљан и плажата Акватик во Елешец и уште шест плажи на потегот на струшкото крајбрежје…значи најпрвин да се информираат каде има спасители каде се обележани плажите посебно ако се непливачи и имаат некакви здравствени проблеми“.

Според Точко, најважно е надлежните институции за безбедност на капалиштата, без оглед дали има или не концесионер, на сите места каде што има капачи, да обезбедат услови. Во спротивно, треба да се истакне соодветна табла на која што ќе пишува дека капалиштето не е безбедно и капачите ја користат на сопствена одговорност. Имајќи го во предвид фактот дека се очекуваат високи температури, сеуште стојат препораките да се внимава при влегувањето во вода, да не се влегува наеднаш, како и после користење на оброк и доколку имаат некој проблем, капачите да се обратат на спасителите. Инаку во моментов на охридската ревиера ангажирани се вкупно 65 спасители на вода во Охрид и 12 во соседна Струга кои се грижат за безбедноста на капачите. Тие досега извршиле 15 интервенции на успешно извлекување на давеник од вода и укажале прва помош на над 600 лица.