Дел од улицата „Нада Филева“ и по седум децении сеуште неасфалтирана
Дел од улицата „Нада Филева“ и по седум децении сеуште неасфалтирана. Мештаните прашуваат кога на нивните барања за санирање на оваа улица, ќе добијат позитивен одговор од локалната. Од таму пак, велат дека имаат планови за уредување на тој потег, но предходно потребно е да се направат одредени зафати на комуналната мрежа.
„Нада Филева“, една од улиците во старото градско јадро, поточно кај Саат Кулата, остана неасфалтирана повеќе од седум децении, кажуваат жителите од овој дел на градот. Прашуваат како може во 21 век на само неколку метри од центарот на Охрид да поминуваат низ кал кога времето е врнежливо , а на лето пак да голтаат прашина. На оваа улица има повеќе од дваесеттина куќи во кои живеат околу стотина жители и секојдневно се соочуваат со овој проблем.
Жителите на ул „Нада Филева“ во неколку наврати до Локалната самоупрва, односно до Фондот за комунален развој доставиле барање за асфалтирање на улицата или пак поплочување, но до ден денес од таму не добиле никаков одговор.
Проблемот со улицата „Нада Филева“ добро и е познат на Локалната самоуправа. Од страна на Секторот за комунален развој била утврдена фактичката состојба, но засега не е предвидено нејзино асфалтирање или поплочување.
На овој дел од Месокастро, во УЗ Стар град не е решен проблемот со атмосферската канализација. Во тек е подготовка на техничка документација. Откога ќе се направи канализацијата ќе се премине кон реконструкција на улицата, вели Љупчо Танески од Фондот за комунален развој и сообраќај.
Со оглед на тоа што се работи за место во строго заштитено подрачје најверојатно оваа улица ќе се поплочи со камени плочки. Планирано е и целиот простор околу Саат Кулата хортикултурно да се уреди, односно предвидено е да се да направи едно мало паркче на тој дел согласно стандардите.