Skip to main content

Делегација на вооружените сили на Унгарија денес во посета на Охрид

Во центарот за обука на АРМ одржаа состанок со началникот на Генералштаботи а беше изведена и показна вежба.
 |  инфодеск  | 

Делегација на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, предводена од началникот на Генералштабот  генерал Габор Беренди  престојува во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија.

По приемот со високи воени почести, во Кампот за обука на вода во Охрид остварија  средба со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски. На средбата се разговараше за досегашната билатерална соработка помеѓу двете сојузнички НАТО армии и можностите за понатамошно унапредување на истата, преку конкретни активности од заемен интерес ( обука и вежби, размена на искуства и користење на капацитетите за обука). Притоа беше констатирано дека билатералната меѓуармиска соработка, која во континуитет е на високо ниво, придонесува кон безбедноста и стабилноста во регионот.

 Станува збор за возвратна посета, а целта е нашата интензивна билатерална соработка, посeбно во доменoт на соработката на специјалните сили на Армијата и специјалните сили на Унгарските вооружени сили. Тие се скоро две недeли во Охрид, каде што реализираат обука за специјални операции, односно нуркачка обука. Посетата ќе ја искористиме да ги посетиме припадниците, да ги видиме нивните впечатоци и продискутираме за идни соработки. Соработки ќе има во доменот на копнените сили, обуки и други активности. Во рамки на посетата ќе бидат презентирани плановите за модернизација, трансформација, ќе се дискутира за елементи каде Унгарските сили ќе можат, конкретизирам дека тоа ќе биде во доменот на обуката и размислување доколку може генералот и Унгарската армија да помогне во доменот на трансформацијата и модернизацијата, изјави Лафчиски.

За време на официјалниот состанок, делегацијата од ВС на Унгарија  беше запознаена со процесот на трансформација и модернизација на Армијата на Република Северна Македонија, структурата на специјалните сили, билатералната соработка помеѓу специјалните сили и капацитетите на АП„Криволак” кои ќе се нудат за вежби на унгарската војска.

–  Почнавме со соработка и поддршка во специјалните сили, договорено е наши нуркачи, односно припадници од специјалните сили да земат учество на нивни курсеви, кои се специјално дизајнирани за инструктори во нуркање и тоа е во фаза на реализација. Ќе се отвори простор и за други во доменот на оценување на конвенционални сили, односно декларирани состави, и други области.Состојбата со борбената готовност на Армијата е на високо ниво, тоа го истакнав и за време на моето брифирање према Врховниот командат, претседателката на државата. Состојбата со борбената готовност во однос на зголемување на персоналот и зголемување на финансиските средства кои се одвојуваат, но и опремата ќе расте интензивно и наредниот период, додаде  Лафчиски.

Во рамки на заедничката обука со специјалните сили  на Унгарија беше  изведена методско-показна вежба „Препад на пловен објект и командно место”, како и тактичко- технички збор на кој беше прикажана дел од опремата која се користи за време на обуката. По завршување на вежбата генералите истакнаа дека со оваа заедничка обука, покрај зајакнување на интероперабилноста  се зајакнува и меѓусебното пријателство.

Новинар: Соња Рилковска