Демне опасност од шумски пожари
Високите температури ги мобилизираа вработените во НП „Галичица“ да ги превенираат можните појави од пожари.
Високите температури ги мобилизираа вработените во НП „Галичицa“ да ги превенираат можните појави од пожари. Степенот за опасност од појава на пожари и степенот на мобилизација во НП „Галичица“, веќе две недели се на 1 или на највисок степен. Тоа значи дека екстремно високите температури кои ја зафатија земјава се идеални за појава на шумски пожари, информира Наум Новески, раководител на секторот за заштита од пожари, во НП „Галичица“. Од националниот парк не седат со скрстени раце. Поделиле 3000 флаери наменети за посетителите на националниот парк, за да ги потсетат како да се однесуваат при престојот во излетиштата. Презеле и бројни превентивни активности за спречување на пожари, нагласува Новески.
„ Веќе сме на највисоко ниво на предострожност кренати од двете страни на паркот. Имаме по една екипа за делување и превенција и дежурствa кои патролираат 24 часа. На два видиковци, дежураат две екипи од 12 до 18 часот, набљудувачи на Коритски рид и Стење“.
И додека НП„Галичица“ се на степен на највисока подготевност во спречување на можните пожари во вакви вонредни временски околности, во ресорното министерство како да се релаксирани. Од таму сеуште нема одлука за контрола на движењето на посетителите во шумите и националните паркови. Од националниот парк бараат час поскоро да се донесе ваква одлука. Контролираното движење на посетителите во шумите во изминативе три години даде позитивни резултати во спречување на појавите на опожарување на шумите, нагласува Новески.
„ Апелираме до Министерството дека е време да се воведе одлуката за контролирано движење на посетителите во паркот. Со неа ќе може да ги контролираме посeтителите. Но, додека ја чекаме одлуката, посетителите е добро да се пријават каде и кога ќе престојуваат во паркот, заради нивна безбедност, но и за заштита на паркот. И наjмалото догорчe може да направи катастрофа“, додава Новески.
Од националниот парк „Галичица“ ја потенцираат одличната соработка со противпожарната единица од Охрид. Посакуваат слична соработка и со пожарната од Ресен, која во моментов е во очајна техничка опременост, појаснува Новески.
Бараат од надлежните служби и поголема ефикасност во откривање на сторителите на пожарите.
Последно големо опожарување во НП Галичица беше во 2007 година со два пожари. Едниот изби на албанската страна и се прошири на нашиот дел од паркот и вториот во Отешево, а предизвикаа огромна материјална штета.
{loadposition content9}