Одбележан Меѓународниот ден на младите, доделени наградите за најдобрите идејни решенија за новиот Младински културен центар во Охрид

Со пораки за поголема поддршка за младите, во Охрид вчеравечер беше одбележан Меѓународниот ден на младите, во рамки на манифестацијата „Недела на млади 2026“, во организација на Младински Центар Охрид. Централната прослава се одржа пред хотелот „Палас“, каде беа доделени наградите за најдобрите идејни архитектонски решенија од јавниот конкурс за новиот Младински културен центар во Охрид. Пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков, кој истакна дека поддршката за младите треба да биде конкретна и континуирана политика на локалната самоуправа.


„Младите не се само иднината на нашиот град, туку и неговата сегашност, енергија и најголем потенцијал за развој. Затоа, наша обврска е да создадеме услови тие да имаат простор, можности и поддршка за реализација на своите идеи“, порача Пецаков.
Тој потсети на досегашните активности на Општина Охрид во областа на младинските политики, меѓу кои воспоставувањето на Младинскиот центар, Локалниот совет на млади и Локалното младинско собрание, како и донесувањето на Локалната стратегија за млади.

Посебен акцент стави на новиот Младински културен центар, посочувајќи дека изборот на идејното решение е важен чекор кон неговата реализација.
„Од просторот на поранешната касарна сакаме да создадеме место кое ќе им припаѓа на младите – простор за креативност, култура, образование, дружење и иницијативност. Со реализацијата на Младинскиот културен центар сакаме да создадеме место каде што младите нема само да доаѓаат, туку ќе создаваат, а идеите нема само да се кажуваат, туку ќе се претвораат во дела“, истакна градоначалникот.

На настанот беа презентирани наградените трудови, а авторите ги претставија своите визии за идниот младински центар. Идејните решенија беа прикажани на видео-бим и изложени во просторот каде се одржа прославата.
Одбележувањето се реализираше под мотото „Различни контексти, заеднички стремежи“ („Different Contexts, Common Aspirations“), со кое се нагласуваат различностите меѓу младите, но и нивните заеднички аспирации.









