Во организација на Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид, а во рамките на кампањата „Јас се грижам!“ и по повод одбележувањето на месец февруари – месецот на ретките болести, утре со почеток во 12:30 часот, во училишната библиотека ќе се одржи работилница за знаковен јазик.
Работилницата се реализира во соработка со Здружението за глуви и наглуви лица – Охрид, кое преку практични примери и интерактивен пристап ќе ги запознае учениците со основите на знаковниот јазик и со значењето на правилната комуникација со лицата со оштетен слух.
Присутните ќе имаат можност да научат основни знаци и изрази, да се запознаат со предизвиците со кои се соочуваат глувите и наглувите лица, но и да развијат поголема емпатија, разбирање и почит кон различностите во нашето општество.
-Со ваквите активности, Младинската заедница продолжува активно да поттикнува инклузивност, солидарност и подигнување на свеста кај младите за важни општествени теми, се вели во соопштението од охридската гимназија.