Денес и утре посебни безбедносни мерки во стариот дел од градот
Со цел непречено одвивање на предвидените активности пред отворањето на годинешниот фестивал „Охридско лето”, СВР Охрид денеска и утре (11.07.2024 и 12.07.2024), ќе преземе посебни безбедносни мерки.
Во делот на сообраќајот, на кеј „Македонија” и улиците „Абас Емин”, „Гоце Делчев” „Кирил и Методиј”, како и кај паркинг просторот кај „Горна Порта”, ќе биде забрането запирање и паркирање на патнички и други моторни возила. На овие, но и на приодите кон Античкиот театар ќе има присуство на полициски службеници кои ќе вршат физичко регулирање на сообраќајот и непречено движење на возилата со придружба. Предвидени се и други безбедносни мерки на подрачјето.
Апелираме до граѓаните, поради огромното значење на фестивалот на домашен и меѓународен план, да покажат разбирање за мерките, да ги почитуваат насоките на полициските службеници и со цел избегнување сообраќаен метеж, доколку немаат итна и неодложна потреба, да се воздржат од користење на своите приватни возила, се вели во соопштението од СВР Охрид.