Денес ќе се одржи матурската парада
На градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ денес со почеток во 12 часот ќе се одржи традиционалната матурска парада.

Денес точно напладне на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ матурантите од охридските средни училишта ќе го одиграат танцот „Квадрил“ од Штраусовата опера „Лилјакот”. И годинава за подготовките се погрижи професорката м-р. Катерина Стојаноска. Охридските матуранти истовремено ќе танцуваат со нивните врсници од шеесетина градови од Европа.
Инаку, матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана. Танцот „Квадрил” е класичен танц што потекнува од 18. век и се изведува во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале.







