Skip to main content

Денес се слави христијанскиот празник Свети 40 Маченици – Младенци

Светата Православна црква денеска го празнува споменот на 40-те војници од Севастија кои го дадоа својот живот за верата на Исус.

 |   | 

Светата Православна црква денеска го празнува споменот на 40-те војници од Севастија кои го дадоа својот живот за верата на Исус.

Во 320 година, 40 војници од еден полк во Севастија одбиле да им принесат жртви на римските идоли и да ги гонат христијаните, по што биле затворени, мачени и осудени да стојат во студена вода.

Од нив се барало да се откажат од Исус, но тие не се поколебале и сите измрзнале со молитва на усните.

Според православниот календар, Младенци е ден на младите брачни двојки, кои се венчале во текот на минатата година.

На овој ден се оди во домовите на младите брачни двојки, а доаѓаат тие што не им биле на свадба. Гостите што одат на Младенци треба да им однесат подароци на младите брачни двојки што ќе може да се користат во домаќинството.

Народот вели дека каков ќе биде денот на Младенци таква ќе биде целата пролет. Овој празник доаѓа по неколкуте големи зимски празници, како што се Божик, Водици, Свети Трифун и се смета за премин кон пролетните празници: Тодорова сабота, Летник, Благовештение, Цветници, Лазарева сабота, Велигден, Ѓурѓовден и други.

Домаќинките на денешен ден треба да покажат дека умеат да дочекаат гости и најчесто замесуваат 40 мали тркалезни лепчиња, во име на светите четириесет севастиски маченици. На Младенци не се препорачува да се јаде тоа што никнало по Нова година, а се смета оти е добро да се јаде мед, варени коприви и зелје за да се прочисти крвта.