Летник се празнува секоја година на 1 март по стар календар и е поврзан со враќањето на птиците преселници од јужните краишта во Македонија. Овој празник всушност во народните верувања е празник за почеток на пролетта односно летниот период, периодот на цутењето на пупките на дрвјата и почетокот на земјоделските работи. Поради ова негово значење, празникот често е квалификуван и како празник за почетокот на годината во смисол на активниот работен период од годината.
Празникот најчесто се празнува во Западна Македонија, односно во Галичник и Мијачијата, Голо Брдо, Пустец, Дебарско, Преспа, Охридско и Струшко. Празникот има повеќе народен отколку верски карактер па така во оние области каде живеело верски мешано население Македонци-православни и Македонци-муслимани како во Голо Брдо и Реканската област празникот го прославувале сите, и православните и муслиманите. Поради тоа што е прославуван и од христијаните и од муслиманите, за празникот се смета дека е од паганско потекло. Со процесот на миграција од село во град овој празник е главно запоставен, но тој сѐ уште се празнува во руралните региони на Голо Брдо и Мала Преспа како и во Струшки Дримкол.
Младите деца береле суви гранки и оделе од куќа до куќа фрлајќи ги во куќните огништа велејќи: Колку шумулчиња (пламенчиња), толку дечиња (слично како за Бадник пред Божик). На Летник задолжително доколку се одело во посета на некоја куќа се носело гранка од дрен, а домаќините го гоштевале гостинот со ореви, варена пченка и благо. Тој што ќе се погодел прв во денот да им влезе на домаќините во куќа, годината им минува со радост и успех (бериќет) од него, па затоа домаќините идната година на Летник го бараат повторно да им влезе в куќа (не мора да е прв, може и само како гостин), зашто за него се верувало дека е со „среќна рака“.