Во оваа прва сабота на постот, со коливо го празнуваме преславното чудо на светиот великомаченик Теодор Тирон, коешто се случи вака: кога Јулијан отстапник, после Констанциј, синот на Константин Велики, го зеде управувањето со царството, тој започна отворено враќање од христијанството во идолопоклонството, и тоа не тајно, туку јавно, подигнувајќи прогон против христијаните.
Но, злочестивиот не сакал јавно да приредува сурови мачења, туку смислил поинаков начин да ги искушува христијаните. Знаејќи дека нашиот христијански народ најмногу се очистува и внимава на Бога во првата недела од светиот пост, тој го повика управникот на градот и му заповеда да ги тргне обичните продукти од пазарот, а на нивно место да стави други, попрскани со крвта на идолските жртви. Така, сите што ќе купат и ќе јадат од таа храна, да бидат осквернети. Меѓутоа, Бог кој ги попречува лукавите ви нивните завери, а за нас, Неговите слуги, секогаш има промисла, ја разруши и оваа завера на Јулијан.
Кон градскиот архиереј Евдоксиј, Он го праќа великомаченикот Теодор Тирон. И тој застана пред него, не во сон, туку на јаве, и му рече: собери го Христовото стадо и заповедај им на сите ништо од она што се продава на пазар да не купуваат, бидејќи е осквернето со крвта на идолски жртви од страна на нечестивиот цар.
Архиерејот беше во недоумица и го праша што да јадат оние кои дома немаат доволно храна, доколку не докупат од пазарот? Светителот му рече со коливо за да го дополни недостатокот. Евдоксиј не разбра што точно е тоа „коливо“ и го праша светителот, а тој му објасни: варена пченица. Патријархот тогаш го праша кој е тој, што толку се грижи за христоименитиот народ?
Христовиот маченик рече: од Него сум ви испратен за помошник. Патријархот направи како што му беше кажано, и го зачува Христовото стадо неосквернето и неповредено од лукавството. Јулијан кога виде дека неговата измама е откриена, се посрами и заповеда на пазарот да се врати обичната храна. Христијаните, пак, во знак на благодарност кон Благодетелот и кон маченикот, во саботата со коливо извршија радосен спомен. Оттогаш, и ние верните, ова чудо го обновуваме за да не биде заборавено, и го почитуваме великиот Теодор со коливо.