Денеска се порибуваше Охридското Езеро со пастрмка
Во Охридското Езеро според планираното порибување за оваа година, досега се пуштени во езерските води еден милион и 400 илјади единки подмладок на охридска пастрмка. Порибувањето започна од 11 септември и трае дваесеттина дена.
Денеска се порибуваше Охридското Езеро со подмладок на ендемичниот вид охридска пастрмка. Согласно Законот за рибарство и аквакултура, секоја година обврска на државата е порибување на природните езера, а на Охридското Езеро се посветува најголемо внимание заради зачувување на охридската пастрмка, изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот Завод Охрид.
„Оваа година почнувајќи од 11 ти септември, започна порибувањето со охридска пастрмка на Охридското Езеро и досега се порибени 1 370 000 единки ослободени во езерото, на различни локалитети и тоа на делот од источното крајбрежје“
На однапред закажаното давање изјава за медиумите во врска со порибувањето немаше претставници од концесионерот на Охридското езеро. Концесионерот на прашањето зошто не беа присутни на порибувањето, за ТВМ само кратко кажаа дека од нас дознаваат за настанот како и најавеното присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Додека пак Спиркоски рече дека се знаеле термините кога се порибува езерото.
„Поканети се на настанот? Ова е настан кој што да речам го водиме регуларно и почетокот беше уште на 11 не е прв ден, а ова денес е посета на инспекторатот од страна на нашата установа и да извршат увид на работата“
Одгледувањето на подмладокот го врши Хидробиолошкиот завод, кој согласно договорот обврзан е да изврши порибување на езерото. Колекционирањето на икрата е извршено во месец јануар до15 фебруар годинава, понатаму икрата се инкубира во Хидробилошкиот Завод, после тоа рипчињата се прихрануваат и на големина од 7 до 8 сантиметри и тежина 2-3 грама се фрла во водите на Езерото. Целта на порибувањето е да се зачуваат нашите автохтони видови на риба, а особено охридскта пастрмка за која годиниве се погласно се зборува дека е во фаза на исчезнување.