Денеска свечено отворање на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура
Денеска во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, свечено ќе биде отворена 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто ќе трае до 31 август. На Школата, денес пристигнуваат околу 70 семинаристи од 18 држави. Учествуват семинаристи од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република, што е уште еден показател за интересот за македонитиката на универзитетските центри ширум светот.
На свеченото отворање на Школата ќе се обратат ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Во рамките на отворањето на Школата, традиционално ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промоторка ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.
Семинаристите на Школата ќе следат лекторска настава за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. На Школата ќе се одржат и единаесет предавања на еминентни истражувачи, за важни теми за македонскиот јазик, литература и култура, а ќе биде организирана и јазична работилница за сите заинтересирани семинаристи. Во рамките на Школата ќе се одржат и промоции на значајни книги, книжевни средби и интерактивни настани. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора.
Значајно е што бројот на семинаристите се зголемува во споредба со претходните години, што е уште еден показател и за континуираното зголемување на интересот за македонистиката во меѓународната академска заедница, со залагања од МСМЈЛК при УКИМ и посветена работа на лекторатите по македонски јазик, како и со залагања на странските македонисти од странските универзитети.
И за ова издание на Школата, конципирана е програма која се очекува на странските македонисти и слависти да овозможи нови сознанија за македонскиот јазик, литература и култура и да ги поттикне на натамошни истражувања посветени на македонистиката.