За Европа да не биде само пуста желба потребна е активна вклученост на граѓанинот во сите демократски процеси. А само едуциран граѓанин може да биде столб на европската иднина на земјава.
Додека Европа слави 62 години постоење, кај нас сеуште се дебатира на тема нашите перспективи за членство во големото европско семејство. Младинскиот Совет од Охрид во соработка со Работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“, и локалната иницијативна група на граѓани, организираше средба на која се разгледуваа Европските перспективи на Македонија и улогата на локалната заедница кон остварување на Европската агенда. Денес пред младите од општинава беше поставено прашањето која е нивната улога на патот кон ЕУ.
„Младите ги подржуваат заложбите за влез во Европската унија, меѓутоа од она што ние го имаме како сознание тие не се доволно запознаени со тоа што во суштина претставува Европската унија, меѓутоа имајќи предвид дека е нешто што е актуелно, тие ја подржуваат идејата за влез на Македонија во Европската унија. Целта ни е нас да продискутираме за одредени прашања кои што се дел од критериумите за влез во Европската унија, а и ние поблиску да добиеме повратни информации кои што како заклучоци ќе ги пренесеме понатаму до повисоките институции кои исто така се залагаат за влез на Македонија во Европската унија.“-вели Димче Каневче од Младинскиот совет од Охрид.
Вакви и слични средби и натаму ќе се одржуваат велат пак од Работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“. Тие водат своја иницијатива за едукација на граѓаните околу тоа кои закони им стојат на располагање за да станат активни чинители во општествениот живот.
„Целта е едуцирање на граѓаните и нивно активно вклучување во партиципативната демократија за поквалитетно донесување на одлуки на ниво на нашата општина како тоа би се одразило на подобро и поквалитетно живеење на сите граѓани во Охрид. Се со цел да произлезат иницијативи и да се искористат сите граѓански ресурси и тие граѓани да станат партнери на локалната за донесување на добри одлуки.“-рече Директорката на работничкиот универзитет „Кузман Шапкарев“-Охрид.
Колку е блиска толку е и далечна таа толку посакувана Европска унија. Ама како што мора да го знаеш домаќинот за да му отидеш на гости, така и македонскиот граѓанин треба поблиску да се запознае со Европската унија. И повторно тоа прашање. Каква е улогата на младите посебно од нашата општина на патот за ЕУ? Тешко е да се каже каква е, но многу е јасно каква треба да биде, а тоа е активна во секоја смисла на зборот.
{loadposition content9}