Денот на македонскиот јазик и азбука ќе се одбележи во охридската библиотека
Националната установа Библиотека „Григор Прличев“од Охрид, утре ( петок ) на свечен начин ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик и азбука.
На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озаконува првиот правопис на македонскиот јазик.
„Петти мај е ден за паметење и славење. Утре во нашата Библиотека од 10.00 часот во соработка со градинките и училиштата и граѓаните ќе бидат промовирани македонскиот јазик и литература.“ – велат од градската библиотека.
На свеченоста ќе се обрати м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката, по што ќе следува богата програма со рецитали, документарни филмови и изложба:
- Македонскиот јазик темелот на македонската државност: „Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов“ – обраќање на м-р Милчо Јованоски, директор на Библиотеката.
- Честитка за Денот на македонскиот јазик – видео обраќање на проф. д-р Људмил Спасов, претседателна Советот за македонски јазик.
- За македонската азбука, јазик и култура Бети Лазеска – Симоноска, библиотекар
- Изложба на дела ( книги ) од Фондот на библиотеката од Конески и Шопов ( 100 години од неговото раѓање).
- „ Проста и строга македонска песна“ Документарен филм за Конески .
- „Тешкото“ – документарен филм
- „Цртаме инспирирани од азбуката“ – деца од ЈОУДГ „Јасна Ристеска “ Охрид
- Рецитал посветен на македонскиот јазик ученици од ООУ „Св. Наум Охридски“ Пештани
- Рецитал посветен на Конески и Шопов со ученици од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид.
Настанот е отворен за сите граѓани. Од библиотеката упатуваат посебна и јавна покана до сите наставници по македонски јазик од основните и средни училишта во Охрид да се придружат во одбележувањето на денот на македонскиот јазик.