Детски хор Бамбино започна со првите проби
Бамбино, прв професионален детски хор во Охрид, официјално ги започна своите проби во просториите на комплексот Касарна хаб. Како пандан на хорот за возрасни, Охрид доби градски хор составен од деца кои поседуваат талент за пеење, а се на возраст од 6-14 години.
Дечињата на првата проба дојдоа со мала резерва, што е разбирливо, но таа помина подобро од очекуваното, вели Снежана Караџовска- Попова.
„Започнавме со масажа на вратот истегнување на телото, сето тоа им беше чудно, бидејќи тоа се прави обично на часовите по физичко, но тоа е многу важно за опуштање на самиот вокален апарат. Потоа започнавме со пеење вокални вежби за распејување и потоа стигнавме до учење на првата наша нова песничка.“, кажа Снежана Караџовска- Попова –уметнички раководител на хор Бамбино.
Истражувањата кои ги правела раководителката на хорот, а поврзани со развојот на вокалниот апарат кај деца од предучилиштна возраст покажуваат дека нивните гласовни способности до 6 годишна возраст се уште се неразвиени за да може за да се утврди точен оспег на гласот и да може да се работи на негово подобрување.
„Веќе од 6 години им се формира и тука веќе јас можам да си почнам со моделирање на нивниот глас, а до 14 години заради тоа што после пубертетот гласовите се менуваат, особено на машките дечиња, но и на женските. Јас сакам да ја добијам таа нежна детска боја на глас која што е најубавата боја што може да ја замислите на пеење.“, потенцира Караџовска- Попова.
Раководителката на хорот, м-р Снежана Караџовска,- Попова е професор по солфеж и историја на музика во Државното средно музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ во Струга, претходно во нашиот град го водеше Музичкото катче „Центарот за ран музички развој на деца од предучилишна возраст“ и е долгогодишен познавач и истражувач на детскиот пејачки глас.
Аудицијата за прием во хорот Бамбино помина, но доколку има талентирани дечиња можат да се пријават во хорчето кое пробите ги одржува два пати неделно во вторник и петок во 19 часот.