Skip to main content

Детското одделение во охридската болница повторно работи во три смени

На одделението работат три докторки специјалисти по педијатрија. Дополнително за втори смени и дежурства доаѓа и доктор специјалист педијатар вработена во Здравствен дом Охрид. На Одделението моментално со консултантски договор, се ангажирани и двајца пензионирани педијатри. Пет доктори се на специјализација.
 |  инфодеск  | 

Повторно започна со работа детското одделение во охридската болница. По четири години, откако  беше затворено поради недостиг на педијатри, конечно се обезбедени шест специјалисти  за исполнување на тросменски  дежурства.

Конечно децата од Охрид ноќе, во викенди и за празници нема  да мора да патуваат во Струга, потребните здравствени услуги ќе ги добиваат во охридската болница.

– Ќе ја  искористам ова прилика и да се заблагодарам и на колешките и на персоналот на одделението за педијатрија, кои што се нафатија и знам колкава жртва прават за ова да се оствари, меѓутоа дојде крај и на тој проблем. Тоа одделение уште повеќе ќе се екипира. Во претходните месеци се извршени и одредени реновирање и санации на одделението за да се создадат оптимални услови за функционирање, значи се изврши санација на санитарните чворови, се изврши молерисување на целото одделение.  Сакам да искористам прилика да најавам дека во моментов во   изготвување е проект за целосно реновирање на ова одделение. Со што ветувам дека наредната година ова одделение ќе прерасне во едно од поубавите детски одделенија во нашата држава.“- рече д-р Горан Маркоски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Во еден месец на детското одделение во Охрид се извршени околу 1000 прегледи,  а биле хоспитализирани 50 тина деца.

– Имаме 5 доктори кои се моментално на специјализација.  Најбрзо колега што треба да дојде е за минимум 2 години од специјализација.  Ние сме  сите специјалисти. Работиме постојано, значи фреквенцијата на пациенти обично е околу  50-ти на прегледи дневно. Нормално, бројот на прегледи е значително поголем за време  на викенди, кога не работат и матичните лекари. И најголем број од дечињата ги водиме преку дневна болница.“–  вели доктор Македонка Митреска Наумоска, специјалист педијатар.

Детското одделение  работеше како амбуланта, а децата од Охрид се згрижуваа во струшката болница. Најкритично беше во време на вирози, празници и во текот на туристичката сезона.

Новинар Соња Рилковска