Skip to main content

Дезинформациите и негативниот наратив за туристички Охрид го уриваат имиџот на градот

Дезинформациите, кои станаа дел од секојдневнието во интернет ерата прават големи штети врз туризмот. Лагите и негативниот наратив поврзани со превисоки сметки од хотелско угостителските објекти во Охрид, од плажи, сендвичари и пекари се особено актуелни пред и за време на туристичката сезона. Пропагандата  „Охрид е најскап“ го урива имиџот на градот Охрид, како главен туристички центар.
 |  инфодеск  | 

И туризмот не е имун на дезинформациите, кои станаа секојдневие во интернет ерата. По социјалните медиуми и по порталите често се споделуваат лаги и манипулации, кои го уриваат имиџот на градот Охрид, како главен турситички центар. Лагите поврзани со превисоки сметки од хотелско угостителските објекти во Охрид, од плажи, сендвичари и пекари се особено актуелни пред и за време на туристичката сезона.

Неодамна со огромна брзина на социјалните мрежи се споделуваше фотографија од охридски ѓеврек со цена од 120 денари. Оваа фотографија се испостави дека е од скопскиот аеродром. Но, се споделуваат и лажни фотографии, кои често се и фотошопирани, наменски  изменети  за да предизвикаат револт и потсмев кај домашните гости.

Овие дезинформации и манипулации прават штета особено врз домашните туристи, кои читајќи ги медиумите имаат впечаток дека Охрид е поскап од сите туристички дестинации во регионот.

„Штета е што од нашите кујни произлегуваат таквите дезинформации ретко кога странци тоа ке го направат и се во корист на ситни инстереси. Во најголем дел се дезинформации. Она што сакам секогаш да го потенцирам е дека нема високи или ниски цени, туку што добивате за она што го плаќате. Тоа е вистинското, имате хотели од 5 ѕвезди, но имате сместување и од низок ранг. Важно е да добиете за вредноста“, вели професор Сашо Коруноски.

Се споделуваат изманипулирани искуства за лоша услуга, лош квалитет и слично. За угостителите ова е еден вид  пропаганда против Охрид.

„Секоја година сме сведоци на некоја негативна кампања. И оваа година покажа дека не сме скапи ниту е Охрид гнасен, ниту езерото е загадено, самите бројки на туристи покажуваат дека Охрид заслужува повеќе внимание. И тие знаат да го ценат тоа. Никој од гостите не се пожалил на цената, не се пожалил на квалитетот. Охрид може слободно да кажеме дека е една од најевтините балкански дестинации, сме биле и на други места,  а гледаме дека во соседството сите веќе се поскапи“,   вели Митко Пендов угостител.

Научната фела смета дека во битката со напливот на дезинформации најголемата улога ја имаат професионалните медиуми, кои треба да возвратат со вистина и факти за  разобличување на лагите.

„Јас би рекол дека против дезинформациите треба да се бориме со информации и со факти. Пред фактите и боговите молчат и веројатно кога нема да ја постигнат целта, дезинформациите изворите полека но сигурно ќе згаснат. Треба на таква лага брзо да се возврати со вистинска информација и ќе лагата ќе изгуби во свото значење“, вели професорот Коруноски.

Лага е дека во охридските кафулиња се продава најскапото кафе. Голем дел од порталите во јули годинава објавуваа дека еспресо во Охрид чини од 90 до 150 денари. Што не е точно, во голем број кафулиња во центарот на градот еспресо има и за 70 денари, а надвор од централното подрачје кафе еспресо има дури и за 40 денари. Дезинформација е и дека Охрид е поскап од Црна Гора, Хрватска, Грција и Албанија. Во сите земји во регионот цените на угостителските услуги се релативно поскапи во однос на Охрид.