Последниве години, дигиталните технологии целосно го трансформираат начинот на патување. Резервацијата на сместување, превоз и туристички услуги сè почесто се одвива преку мобилни апликации и онлајн платформи, со што граѓаните сè почесто ги заобиколуваат туристичките агенции.
Наместо традиционалното планирање, корисниците денес со неколку клика можат да резервираат хотел, апартман или приватно сместување, како и авионски билети, автобуски превоз, влезници во музеи или рент-а-кар услуга. Апликациите нудат споредба на цени, кориснички оценки и флексибилни опции, што значително го олеснува процесот на одлучување. Но ваквите резервации бараат внимание и информираност во смисла на заштита од дигитални измами при споделување на лични податоци и платежни картички.

Туристичките работници велат дека овој тренд носи големи предизвици и за агенциите, но и ризици за патниците.
„Во последно време агенциите се соочуваат со овој проблем – нелојална конкуренција, не само од интернет страниците, туку и од многу други фактори. Има голем дел на луѓе кои се одлучуваат сами да букираат и да патуваат, но за среќа има и луѓе кои остануваат верни на агенциите и имаат доверба во нив. Затоа што кога патувате преку агенција, таа гарантира за сè”, вели Јаким Маленко, сопственик на туристичка агенција.

Трендот на дигитачни резервации е изразен кај помладите генерации, но сè повеќе го прифаќаат и повозрасните граѓани. Дигитализацијата носи удобност, заштеда на време и поголема контрола врз патувањето, но истовремено отвора и прашања за сигурноста. Патниците, кои резервирале, често се соочуваат со откажани летови, сместување и слично, па повторно бараат помош од агенциите.
„За сè што ќе се случи, туристите имаат поддршка 24/7. Имаат и осигурување – ние плаќаме годишни лиценци за тоа. Кога се патува самостојно, туристите се препуштени сами на себе и доколку нешто се случи, нема каде да се обратат. Често сме сведоци на откажани летови или сместувачки капацитети, па тогаш ни бараат помош. Се надеваме дека овој тренд ќе биде во пад, бидејќи се покажа дека најсигурно е патувањето преку туристичка агенција”, додава Маленко.
Со развојот на технологијата, се очекува овие платформи да станат уште понапредни, со персонализирани препораки и автоматизирани услуги, што дополнително ќе го менува туристичкиот сектор и навиките на патниците.
Новинар Соња Рилковска