Промовирани резултатите од спроведувањето на проектот за изработка на Дигиталната книга и методологијата за мониторинг на водите.
Проектот е финансиран од Британската Амбасада во Скопје и менаџиран од Институтот за комуникациски студии преку кампањата „Разбистри се“.
Резултатите кои се обезбедија преку проектот имаат за цел да и помогнат на Владата на Северна Македонија, а пред се на МЖСПП и на другите институции во процесот на усогласување со европските барања за управување со водите. Но, истовремено, ќе ги зајакнат административните капацитети за имплементација и примена на законодавство за управување со водите – истакна Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.
Со обезбедувањето на јавните податоци за управување со водите и со новата легислатива во делот на мониторинг на водите, МЖСПП им обезбедува на граѓаните поголема видливост на состојбата на водните ресурси во земјава.
Дејан Андонов, програмски координатор на комуникациски студии и координатор на кампањата „Разбистри се“, истакна дека постоењето на јавен информативен систем за издадени водни дозволи и систематски и стандардизиран мониторинг врз површинските и подземните води, треба да бидат основа на МЖСПП при водењето одржлива политика за водите.
Евиденцијата на водните дозволи и податоците од постојан мониторинг треба да помогнат да се утврдат притисоците врз водните тела, да се утврди потеклото на загадувањето и да се проектираат соодветни управни мерки во однос на квалитето на водите – вели Андонов.
Со вкрстување на податоците од Водната книга и мониторингот спроведен од Управата за хидрометеоролошки работи, ќе се овозможи носење на одржливи политики и мерки за заштита на водите во нашата земја.