Skip to main content

Дипломатски скокови во Балканскиот Ерусалим

Човекот кој од мал сонувал да биде гимнастичар, својот неостварен сон сега го реализира преку правење гимнастичарски скокови на некои од најубавите места во светот. Како едно од нив, го одбрал и нашиот Охрид.

 |  Мишел Наумоски  | 

Гимнастичарски дипломатски скокови во Балканскиот Ерусалим. Не, ова не е наслов од некоја книга, ниту пак филмски блокбастер. Ова е интересното хоби на амбасадорот на Израел во Македонија, Дан Ориан. Деновиве тој е во посета на нашиот град кој го избрал како едно од посебните места на кои одлучува да го сподели своето хоби и да го овековечи со интересни фотографии. Во Охрид, амбасадорот Ориан ја избрал прекрасната сценографија кај црквата „Св.Јован Канео“.

ambasador gimnastika„Тоа што сум дипломат ми овозможува да одам на многу места. Сум бил во Русија, во Москва, бев заменик-амбасадор во Данска, каде и да одам правам нешто што е поврзано со гимнастика, пробувам да скокам на посебни места. Го направив тоа во Данска, го направив тоа во Русија, па и во Србија. Сега на ред е Македонија. Мора да бидам искрен, најдобрите слики ми се од Ерусалим, но и овде е прекрасно и разбирам зошто ова место го викаат Балкански Ерусалим, навистина разбирам и скокањето овде прави да се чувствувам исто како кога скокав во светите места низ Ерусалим.“-вели Дан Ориан, амбасадор на Израел во Република Македонија.

Тој на своите патувања прави многу слики од многу убави и интересни места, всушност сликите се толку многу што едноставно неизбежно е да се соберат на едно место, во една несекојдневна изложба на фотографии.

ambasador kaneo„Во иднина би имало една голема изложба претпоставувам, не знам дали таа ќе се случи во Охрид, но имаме прекрасни слики од некои места во Ерусалим, Тел Авив, во големите градови во Израел. Всушност некои од сликите од Данска веќе беа дел од некои изложби, но сега е време малку да се потенцираат Охрид и Скопје, па направив некои скокови во Скопје, сега и во Охрид. Па се надевам ќе смислиме нешто заедно.“-рече тој.

Инаку, амбасадорот Дан Ориан, покрај своите дипломатски обврски, и своето несекојдневно хоби, воедно е автор и на книгата за деца „Кога тато ќе порасне“ во која се зборува за еден разговор помеѓу татко и син токму за желбата на таткото да стане светски шампион во гимнастика.