Skip to main content

Диви трки, брзо возење на мотори низ Охрид

Граѓаните се жалат дека на повеќе сообраќајници во Охрид се одржуваат диви трки, се турираат и брзо се возат мотори во урбана средина. Од СВР Охрид потврдуваат дека евидентирале такви појави и изрекле санкции кон мотоциклисти за низа прекршоци од Законот за безбедност во сообраќајот. Од Мото клуб Охрид апелираат до родителите да не им овозможуваат на своите деца мотоцикли без претходно да им обезбедат стекнување знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

 |   | 

Од на пролет па до на есен додека е убаво времето на улиците во голем број се присутни мотоциклистите, а со тоа и проблемите поврзани со оваа категорија учесници во сообраќајот.

Во доцните ноќни часови, се забележува голема бучава од мотоцикли (мотори) кои ги возат млади луѓе. Бучавата доаѓа оттаму што тие заради мода или престиж ги турираат своите мотори со цел да предизвикаат што поголема бучава. За таа цел, некои дури го отстрануваат и ауспухот од својот мотор затоа што тој ја пригушува бучавата. Сведок сум на ноќни тури на бучни моторџии кои понекогаш не запираат по цела ноќ – пишува во рубриката „Ти Си Твојот Град“ жителка на Охрид. 

Граѓаните во коментари на оваа објава додаваат дека девијантно и неодговорно однесување во сообраќајот од страна на мотоциклисти има во сите делови од Охрид, ги посочуваат Туристичка, Партизанска, АСНОМ,  Железничка, населба Воска, Димитар Влахов, дури и стариот дел од градот.

„ДИВЕЕЊЕ“ СО МОТОРИ ВО ДОЦНИТЕ ЧАСОВИ НИЗ УЛИЦИТЕ НА ОХРИД

Како и во секоја сфера од општественото живеење секогаш ќе има поединици кои не почитуваат правила и закони, а луѓето генерализираат и сите да ги стават во ист кош, велат од МОТО Клуб – Охрид кој функционира повеќе од 20 години со околу 100 членови љубители на мото спортот.  

Јас мислам дека се е до свеста на поединецот. Како Мото клуб никогаш не сме сугерирале да се прави галама, да се прават трки. За се си има одредено место. За тркање си има стази, за тие што сакаат звучност ауспухот се става кога излегуваат на отворен пат, а не во урбана средина. Не можиме да ги ставиме сите во исти кош. И јас возам мотоцикл, но го користам стандардниот фабрички ауспух. Тоа не значи дека некој нема да набави нестандарден кој е позвучен и развива поголема моќност и брзина и поголема бучава. Проблемот го гледам во надлежните кои треба да преземат ригорозни мерки се што е незаконски да се санкционира – вели Павле Вучетиќ, секретар на МОТО Клуб – Охрид.

Од Мото клуб Охрид апелираат до родителите да не подлегнуваат на барањата на своите деца, да не им овозможуваат мотоцикли без претходно да им обезбедат стекнување знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

Од СВР Охрид потврдуваат дека во изминатиов период евидентирани се случаи на диви трки, брзо возење и турирање мотори во урбана средина , кои се предмет на интерес на полициските службеници од полициската станица за безбедност во сообраќајот.

Не само по реакции од граѓаните туку и по наши согледувања сме интервенирале на неколку сообраќајници каде што оваа појава била најзачестена. По овој основ од почетокот на оваа година полициските службеници регистрирале и санкционирале 35 мотоциклисти кои управувале мотоцикл на несоодветен начин односно мотоцикл на кој меѓудругото вградени се несоодветни делови кои предизвикуваат бучава. Кај сите мотоцикли каде постои сомнеж дека вградиле несоодветни односно нестандардни делови кои предизвикуваат зголемена бучава тие се одземени и препратени на вонреден технички преглед после што доколку се утврди модификација против нив се поднесуваат содветни пријави – изјави за ТВМ Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Полициските службеници  од почетокот на годинава регистрирале и 394 прекршувања на законската обврска за носење заштитна кацига, како и 26 мотоциклисти се санкционирани затоа што управувале мотоцикл со несоодветна категорија во однос на дозволата која ја поседувале.

СВР Охрид и мото клубовите посочуваат дека имаат меѓусебна соработка со заедничка цел да се придонесе во подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот на мотоциклистите кои се ранлива категорија најизложена на опасности, воедно апелираат до нив да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот.