ДИЖС бара од општината да постапи според законот за градење и за управување со отпад во Студенчишко блато
Државниот инспекторат за животна средина изготви записник за констатиција по вонредниот надзор на локалитет Студенчишко блато, извршен на 25 мај врз основа на налог издаден од страна на Инспекцискиот Совет согласно привременото решение за заштита на локалитетот Студенчишко блато објавено во Службен весник на РСМ од 2021 година, Законот за заштита на природата и надлежностите на Државен Инспектор за заштита на природата.
Надзорот е реализиран од страна на главен инспектор за заштита на природата, генерален инспектор за животна средина, општински инспектор за животна средина и претставник од Општина Охрид кој работи на акти од областа на животната средина.
За време на надзорот се изготви Записник за констатација по увидот на локациите:
– локација покрај магистралниот пат Охрид – Свети Наум, при што се утврди дека на две парцели имаше насипано ископи од земја – инертен материјал, скоро до височина на магистралниот пат и земјата беше зарамнета со механизација со видливи трагови од истата. Помеѓу двете парцели имаше отпочнето да се насипува и во третата парцела, но е стопирано при што имаше поставено крупни камења и гранки од дрвја.
– границата на Студенчишко Блато по течението на река Рача при што во непосредна локација на самата гранична линија во т.н зона на одржливо користење се вршеше изведба на градежни работи на комплекс на градби (шест локации) и тоа во фаза на изведба.
„Врз основа на извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина до Општина Охрид доставено е Известување со Барање за нивно постапување согласно законските надлежности (Закон за градење и Закон за управување со отпад), а доставено е и известување до Инспекцискиот Совет.“ – информираат од ДИЖС.
ДИЖС постапил по претходно доставена претставка од страна на граѓанско здружение ФРОНТ 21/42, односно врз основа на анализа на содржината на истата, инспекторатот комуницирал со општинската инспекција на Охрид која веќе за двата посочени случаи, за градежни активности-градење, односно инертен отпад од земја, постапувала согласно надлежностите. Истовремено ДИЖС од Општина Охрид побарал за превземените активности на локацијата Студенчишко блато да го информираат ДИЖС, ИС и ФРОНТ21/42.