Skip to main content

Државен инспекторат за животна средина

ДИЖС изврши вонреден инспекциски надзор на целиот потег Студенчишко блато

Од надзорот ќе биде изготвен Записник и известување кои ќе бидат доставени до Инспекцискиот Совет и Општина Охрид.
 |  инфодеск  | 
Блато ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина, во текот на вчерашниот ден, во координација со Општина Охрид изврши вонреден инспекциски надзор на целиот потег Студенчишко блато во Охрид.

„Од надзорот ќе биде изготвен Записник за констатација за утврдена фактичка состојба и од водената инспекциска постапка ќе биде доставено известување до Инспекцискиот Совет и Општина Охрид за понатамошно постапување согласно законските надлежности.“- информираа од ДИЖС.

Во врска со Студенчишко блато екологистите од ФРОНТ 21/42 неодамна објавија дека на 10.04.2023 год поднеле иницијативи до ДИЖС и овлатен градежен инспектор на Општина Охрид за две куќи/вили кои нелегално се градат во блатото, од кои едната на државно земјиште , пришто потсетија дека блатото е под Режим на привремена заштита.

По објавата следуваше преписка на социјаланта мрежа Фејсбук помеѓу Фронт 21/42 и ДИЖС.

„За нелегални градби постапува градежен инспектор во зависност од категоријата на општинско или државно ниво. За овој случај веќе постапува овластен градежен инспектор од Општина Охрид.“ – напишаа од инспекторатот.

На ова од ФРОНТ 21/42 одговорија дека за нелегалните градби се обратиле до локалниот градежен инспектор, а иницијативата до ДИЖС е за прекршување на Решението за привремена заштита, а врз основа на член 172 од Закон за заштита на природа.

„За жал, локалниот градежен инспектор нема надлежност да утврди дали се почитува Решението за привремена заштита (пропис со мерки за заштита донесен врз основа на Законот за заштита на природата), доколку не – кои се делови од истото се прекршени, од страна на кои субјекти се прекршувањата, итн. – таа обврска законот налага Вие да ја спроведете.“ – реагираа од Фронт21/42.

На што од ДИЖС посочија дека се во комуникација со општинскиот инспекторат за евентуално понатамошно постапување согласно надлежноста.