ДЈП Колекторски систем нема да дозволи излевање на фекалии
Еколошка катастрофа на Охридското езеро со влевање на нетретирани води и поплавување на улиците во Охрид и Струга со фекалии, поради исклучување на колекторот за неплатени високи сметки за струја, ДЈП „Колекторски ситем“ во никој случај нема да дозволи и граѓаните можат да бидат сигурни во тоа, уверува директорот Владимир Алексијоски.
Фактурите за струја се со астрономски суми, последната за месец јули е 9 мил. денари, а истиот месец лани сметката изнесувала 1,6 мил. денари. Тоа е зголемување на трошокот за 700% односно 7 пати повисока сума. Ако се земе предвид дека ЈП „Колекторски систем“ месечно од граѓаните на територија на Охрид и Струга за одведување и третман на отпадните води, наплатува вкупно 6,5 до 7 мил денари, тешко дека ќе успее да ја подмири обврската кон добавувачот.
Ние во никој случај нема да дозволиме да останиме исклучени од снабдување со електрична енергија. Постојат законски регулативи според кои токму ваквите претпријатија кои обавуваат ваква дејност, во никој случај не може да биде оставена без снабдување со електрична енергија. Согласно законските регулативи ние ќе побараме времена мерка со којашто ќе му биде наложено на добавувачот на електрична енергија да ја вклучи во истиот момент. Може да биде во прашање половина до еден час, пришто ние ќе постапиме согласно Законот и гарантираме дека во тој половина или еден час време нема да има никаде излевање – вели Алексијоски.
Дополнително, претпријатието има долг кон ЕВН од 40 мил. денари. Потрошувачката на електрична енергија за работа на 18-те препумпни станици е голема поради застареноста на пумпите и преголемата количина на атмосферска вода која се меша со секундарната канализациона мрежа, се влева во системот и се спроведува до пречистителната станица. Соодносот помеѓу фактурираната вода и реално спроведената е 1:3 и тоа е огромен проблем кој општините треба да го решат со одвојување на атмосферската од фекалната канализација, посочува Алексијоски. Друг проблем е загубата на вода кај водоводните претпријатија која се движи од 60 до 80%.
Бараме кражбата на вода да се третира исто како кражбата на струја, со кривична постапка. Јас со сигурност тврдам дека голем процент од тие „загуби“ се всушност кражби на вода. Ако донесиме соодветно законско решение за кривична одговорност секој граѓанин ќе размисли пред да користи див приклучок. Така ќе се зголеми фактурирањето на вода кај водоводните претпријатија, а со тоа и кај нас бидејќи ние наплатуваме според податоците за потрошена вода од водоводните претпријатија – вели Алексијоски.
Неделава во Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги се одржал состанок за предизвиците со кои се соочува ДЈП „Колекторски систем“ и сите пречистителни станици и јавни претпријатија поради енергетската криза. Проблемот треба да се решава системски, подвлекува Алексијоски додавајќи дека не може постојано да се бара помош од државниот буџет, а зголемување на сметката за услугата кон граѓаните треба да биде последна опција.
Единствено за кое се размислува во поглед на цената на услугата е да се одреди некоја минимална месечна паушална ставка којашто ќе се прибира за одржување на системот. ДЈП „Колекторски систем“ во соработка со ЕСМ разгледува план за поставување фотоволтаици кај пречистителната станица во Ложани каде согласно пресметките има можност да се инсталира 1,6 мегавати моќност.
Таа струја во целост ја покрива месечната потрошувачка на електрична енергија на претпријатието.