Skip to main content

Дневниот центар “Зраци” со признание за сите помагатели на нивните штитеници

Денес по повод Меѓународниот ден на лица со интелектуална попреченост тие ги примија на гости своите помагачи за кои изразија надеж дека и во иднина ќе придонесуваат во подобрување на условите во кои престојуваат штитениците на центарот Зраци.

 |  Мишел Наумоски  | 
zraci

Топла насмевка, љубопитни прашања, мала закуска и пријателски пречек од штитениците на дневниот центар “Зраци” за сите донатори и помагачи на овој центар. По повод Меѓународниот ден на лицата со интелектуална попреченост, луѓето од Зраци организираа мала свеченост како би можеле во рамките на своите можности и официјално да се заблагодарат на сите добротвори кои во изминатиот период со својата несебичност помогнале за подобро функционирање на центарот. Не намалувајќи го значењето на секоја една добиена донација, од Центарот Зраци велат дека за нив навистина е значаен придонесот на локалната која финансиски помага во делот на ангажирање на стручните кадри кои работат со лицата со интелектуална попреченост.

zraci priznanija“Во сите овие 15 години откако работел дневниот центар, здружението работи преку триесет години, зборувам за дневниот центар како една форма за реална и директна помош за луѓето со интелектуална попреченост, секогаш крајната цел била дневниот центар да премине во институционална поддршка. Ние секогаш од локалната сме имале поддршка за многу работи, но во текот на оваа година дали преку проекти или било како, локалната самоуправа застана зад финансирањето и можам да кажам дека е апсолутно главниот продолжувач на континуитетот на работата на дневниот центар “Зраци” од Охрид.”-вели Зоран Костадиноски, дефектолог во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост “Зраци” од Охрид. 

Родителите на лицата корисници на услугите од дневниот Центар „Зраци“, се задоволни од напредокот на Центарот. Велат дека Центарот е од непроценливо значење, како за децата така и за родителите, бидејќи тука денот им е осмислен, се наоѓаат во средина каде можат децата да се дружат, а родителите да одат на работа. За сето тоа да функционира подобро тука се и помагачите на центарот, женскиот лајонс клуб Деница, Жито Леб-Охрид, кафе терасата Аквариус, и уште многу други, вклучително и ЈП “Нискоградба” како и локалната самоуправа.  Во рамките на таа помош, во тек е и реализацијата на проектот на општина Охрид за реконструкција и проширување на овој дневен центар. Инаку по повод 3 Декември- меѓународниот ден на лицата со интелектуална попреченост вечерва во ЦК „Григор Прличев“ во Охрид ќе се случува и настанот „Инклузивна уметност“.