Skip to main content

Дневните центри за лица со попреченост треба да бидат под државна капа

Дневните центри за лица со пореченост значат живот за штитениците и за нивните семејства. Нивното функционирање треба да биде стабилно и финансирано од државата, сметаат стручните лица и родителите на лица со попреченост. Започнувајќи од 1992 година, на 3 декември општеството се потсетува на правата на лицата со попреченост и дека треба да градиме одржлива, инклузивна и праведна иднина за сите. Меѓународниот ден на лицата со попреченост беше одбележан во Дневниот Центар Зраци во Охрид кој постои 25 години.
 |  инфодеск  | 

Дневните центри за лица со попреченост треба да бидат под државна капа со цел да се обезбеди нивно сигурно и стабилно функционирање. Ова беше истакнато денеска од родители и вработени во Дневниот центар „Зраци“ кој на Меѓународниот ден на лицата со попреченост ги отвори вратите за сите граѓани и организации кои сакаат да се запознаат со центарот кој за 15-тина штитеници е втор дом.

Орхидеја Топенчарова, родител на дете со попреченост кое го посетува дневниот центар веќе 23 години, кажува дека нејзината ќерка е задоволна и среќна тука за што изразува голема благодарност на вработените дефектологот Зоран и социјалниот работник Евица за кои вели дека се максимално посветени на децата.

Тука се насмеани и ведри, свои на своето, како што сите сакаме да бидеме во свој круг на пријатели така и тие се пронаоѓаат тука. Дневниот центар Зраци и за нас и за нашите деца значи живот. Тие си се пронаоѓаат во својата средина , а за нас значи 8 часа време кое ќе го посветиме да одиме на работа или да се посветиме на себе си, бидејќи се работи за деца со тешка попреченост кои се веќе возрасни и за кои е потребна посебна нега.“ – вели Топенчарова.

И родителите и вработените во „Зраци“ задоволни се од поддршката која центарот ја добива од локалната самоуправа која одвојува средства во буџетот за плати на двајцата вработени и режиски трошоци. Сметаат дека ваквите дневни центри треба да бидат финансирани од државата и децидни се дека не сакаат нивното функционирање да зависи од одредени проекти бидејќи сметаат дека тоа не е одржливо на долг рок.

„ Факт е дека овај проблем треба да биде под државна капа. Ние имаме среќа што имаме локална самоуправа којашто константно не поддржува, иако тоа не е нивна законска обврска. Замислете ако ние годниве наназад немавме поддршка од општината. Дали ќе е министерство или локална самоуправа тоа во крајна линија не е важно, но не проекти, не проект којшто би траел година дена. Ние сме 25 години овде и многу проекти поминавме, но и најдолгиот проект завршува. Што после тоа?“ – вели Зоран Костадиноски – дефектолог.

„ Државата да си ги земе децата под своја закрила, да си ги земе дневните центри под своја капа, доста со проекти. Нашите деца не се проект, како што е задолжително образованието, така за нас ова е школство, ова е министерство за образование.“ – вели Топенчарова.

На 3-ти декември општеството се потсетува на правата на лицата со попреченост и дека треба да гради одржлива, инклузивна и праведна иднина за сите. Во Охрид многу е променета јавната свест кај граѓаните во поглед на грижата за овие лица, вели дефектологот во центарот Зраци, Зоран Костадиноски.

„Реално ако гледаме од почетоците до денес тоа се два различни света. Во почетокот пред скоро 25 години тоа беше новина за сите , и за родителите и за граѓаните и за нас како стручни лица. Во сите овие години социјално гледано се постигна најголемиот успех, а тоа е промена на јавната свест кај луѓето за овие лица дека се наши сограѓани, дека постојат во општеството и дека им е потребно внимание.“ – вели Костадиноски.

Дневниот центар „Зраци„ започна да функционира во стан од 40м2, а последните 15 години е сместен во простории во ОУ „Братство и единство“. Центарот го посетуваат 15-тина штитеници во период од 8 до 16 часот. Тука штитениците имаат секојдневни активности како цртање, слушање музика, учат секојднивни животни вештини како готвење, одржување на просториите, како би биле што е можно посамостојни во својот дом. Одат на прошетки и екскурзии, а заедно патуваат и на годишен летен одмор. Заедно слават родендени и празници. И Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележаа онака како само тие знаат, во топла атмосфера како едно семејство.